Дмитриев (65), кој стана познат по откривањето масовна гробница на жртвите на сталинистичката репресија, беше уапсен под обвинение за сексуален напад врз својата посвоена ќерка.
И тој и активистите за човекови права го опишуваат обвинението како измислено и политички мотивирано.
Дмитриев беше обвинет за правење порнографски материјал со деца, непристојни дела и недозволено поседување дел оружје. Тој во 2018 година беше ослободен од тие обвиненија, но неколку месеци подоцна случајот беше повторно отворен.
Во јули 2020 година беше прогласен за виновен за сексуален напад врз својата ќерка и осуден на три и пол години затвор, која неколку месеци подоцна беше продолжена на 13 години. Тој досега помина пет години во затвор.
Судот во Петрозаводск, на северозападот на Русија, денеска повторно му ја продолжи казната, на 15 години. Неговите адвокати најавија жалба на пресудата.
Според истражителите, Дмитриев бил обвинет дека правел порнографски материјал така што ја фотографирал својата ќерка гола. Експертите за време на првото судење утврдија дека тие фотографии не се порнографски по природа.
Дмитриев своевремено раководеше со локалниот разгранок на центарот за човекови права Меморијал, кој ја проучува и ја документира политичката репресија за време на советската ера.
На центарот му се заканува затворање бидејќи не ги означувал сите публикации со ознаката „странски агент“ и зашто наводно го оправдувал тероризмот. Руските власти ги нарекуваат „странски агенти“ невладините организации и поединци што добиваат средства од странство, а се занимаваат со активности што може да се класифицираат како политички.






