петок, 17 април 2026

Русија се заканува со акција против четири членки на НАТО

Секретарот на Советот за безбедност на Русија Сергеј Шојгу ги предупреди Финска, Естонија, Латвија и Литванија дека Москва го задржува правото, како што рече, на „самоодбрана“ доколку украинските беспилотни летала ја нападнат Русија користејќи го нивниот воздушен простор.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Коментарите следеа по посебно предупредување упатено од Москва еден ден претходно, велејќи дека европската поддршка за украинските беспилотни летала може да доведе до „непредвидени последици“, јави Киев индепендент.

Шојгу, кој беше руски министер за одбрана на почетокот на целосната инвазија во 2022 година, обвини неколку земји дека стануваат дел од киевската „стратешка позадина“. Тој се осврна на инцидентите во кои беспилотни летала се урнаа во Финска и балтичките држави за време на украинските напади врз Уст-Луга, големо руско пристаниште во Финскиот Залив.

Без да даде докази, Шојгу тврдеше дека украинските напади со беспилотни летала врз Русија се повеќе се спроведуваат преку воздушниот простор на Финска и балтичките држави.

„Ова може да се објасни на два начина: или западните системи за воздушна одбрана се исклучително неефикасни… или овие држави намерно дозволуваат користење на нивниот воздушен простор, што значи дека се активни учесници во агресијата против Русија“, рече тој.

„Во овој случај, според меѓународното право, стапува на сила член 51 од Повелбата на ОН, кој се однесува на неотуѓивото право на државите на самоодбрана во случај на вооружен напад.“

Од друга страна, украинскиот заменик-министер за надворешни работи Андриј Сибига претходно изјави дека Киев има разузнавачки информации кои укажуваат дека Русија намерно ги пренасочува беспилотните летала кон балтичките држави и Финска за да поттикне тензии.

Балтичките држави ги отфрлија сличните обвинувања што доаѓаат од руските пропагандни медиуми, нарекувајќи ги тврдењата на Москва лажни и негирајќи дека Украина го користела нивниот воздушен простор за напади.

Од почетокот на тоталната инвазија, Русија постојано испраќа закани до европските земји. Полскиот премиер Доналд Туск и други високи европски претставници претходно предупредија дека Москва би можела да биде подготвена за можен воен конфликт со Европа до 2027 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ