петок, 29 мај 2026

Романија тврди дека руски дрон погодил станбена зграда во Галац, повредени се две лица (ВИДЕО)

Дрон се урна синоќа во зграда во центарот на романскиот град Галац, предизвикувајќи експлозија и пожар во стан на горниот кат. Во инцидентот има повредени, но за среќа нема жртви. Се верува дека дронот, кој влегол во романскиот воздушен простор, стигнал за време на руски напад врз блиските украински цели.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„За време на новиот напад на Руската Федерација врз украинските населби долж романската граница, едно од беспилотните летала влезе во романскиот воздушен простор и стигна до градот Галац. Удри во врвот на лифтот на зграда со десет ката, падна на покривот и експлодираше. Среќа, не зборуваме за загуба на човечки животи, но има повредени, последиците можеа да бидат многу полоши“, напиша на Фејсбук, Богдан Родеану, пратеник на партијата УСР од Галаци.

Пратеникот рече дека разговарал со жителите на погодената зграда. „Некои од нив се мои пријатели. Видов оштетени станови, скршени прозорци и парчиња од дронот расфрлани по земја. Ова се сцени за кои, искрено, никогаш не помислив дека ќе ги видиме во Галац“, рече тој.

„Романија не е во војна. Но, војната е тука, на неколку километри од нашите домови. Понекогаш ја гледаме на небото. Друг пат ги гледаме нејзините траги на улиците на градот“, истакна Родеану.

„Затоа, повеќе од кога било, верувам дека Романија мора да биде силна. Мора да инвестираме во одбраната, во технологијата, во способноста да ги заштитиме нашите луѓе и заедници. Не затоа што сакаме војна, туку затоа што сакаме да бидеме подготвени да ја држиме подалеку од нашите домови“, додаде пратеникот.

Тој заклучи дека „оваа ноќ, сите Романци добија уште едно болно потсетување дека мирот и безбедноста не се нешто што треба да се зема здраво за готово. Тие мора да се бранат секој ден“.

Властите соопштија дека дрон се урнал на покрив на зграда на улицата Браилеј во Галац, во близина на реката Дунав. По ударот, околу 70 лица биле евакуирани, две лица добиле медицинска помош поради гребнатини. Поради инцидентот, итно беа подигнати два авиона Ф-16 и еден воен хеликоптер ИАР 330 СОКАТ.

„Пилотите на авионот беа овластени да дејствуваат на цели во текот на целиот период на тревога“, соопшти романското Министерство за одбрана. Властите, исто така, издадоа предупредувања за населението во регионите Галац, Браила и Тулча.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ