Путин во неделата во интервју за телевизијата „Русија-1“ зборуваше за својот приватен живот, а на прашањето дали ќе ја помине Новата година со членовите на семејството и дали сам ги избира подароците за внуците, тој одговори потврдно, додавајќи сепак дека не оди лично да купува, пренесе агенцијата ТАСС.
„За жал, не одам да купувам, но бидејќи денес има многу можности да изберете нешто, се трудам сам да го направам тоа. И се надевам дека подароците ќе им се допаднат“, рече Путин.
Тој рече и дека планира да ја дочека Новата година со членовите на семејството, со кои ќе го слуша и своето новогодишно обраќање до нацијата.
На прашањето како планира да ја помине новогодишната ноќ, тој со насмевка одговори: „Ќе бидам со семејството, ќе ја дочекам Новата година и ќе го слушам говорот на претседателот“.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков претходно изјави дека рускиот претседател традиционално ќе ја дочека Новата година со семејството и пријателите.
Тој додаде дека празниците за Путин делумно ќе бидат работни, објаснувајќи дека претседателот на Русија ретко целосно го поминува тој период „како новогодишни празници“.
„Мислам дека тој (Путин), како и сите други, ќе ги искористи првите неколку дена за одмор, иако не може да има целосен одмор. Шефот на државата мора постојано да работи, особено во време кога ситуацијата во Европа е загрижувачка“, рече Песков.






