четврток, 7 мај 2026

Властите трагаат по десетици патници кои се симнале од крузерот по првата смрт од хантавирус

Околу 40 патници се симнале од крузерот погоден од смртоносната зараза на хантавирус откако првиот патник починал на бродот, потврдија холандските власти. Властите низ Европа и Африка сега ги бараат патниците кои го напуштиле бродот во пристаништа како што е Света Елена, јави Јуроњуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Патниците го напуштиле бродот МВ Хондиус за време на застанувањето на оддалечениот јужноатлантски остров Света Елена, соопшти холандското Министерство за надворешни работи. Меѓу нив била и сопругата на 70-годишниот Холанѓанец кој починал на бродот откако му се слошило за време на патувањето. Подоцна таа отпатувала за Јужна Африка со комерцијален лет, каде што ѝ се слошило и починала во болница.

„Оушнвајд експедишн“, претходно потврди само дека Холанѓанката го напуштила бродот со телото на својот сопруг, но не објави јавно дека и десетици други патници се симнале. Холандските власти не ја открија моменталната локација на патниците кои го напуштиле бродот.

Тројца патници починаа, а осум се разболеа од хантавирус на крузерот МВ Хондиус, кој плови под холандско знаме. Бродот, кој превезувал речиси 150 луѓе, моментално е закотвен покрај брегот на Зелено’ртските Острови.

Крузерот испловил од Аргентина на 1 април на крстарење по Атлантикот, кое требало да ги опфати Антарктикот, Фолкландските Острови и други локации, но маршрутата била променета поради епидемијата.

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека тројца пациенти за кои се сомнева дека се заразени со хантавирус се евакуирани и се на пат кон Холандија. „Во оваа фаза, вкупниот ризик за јавното здравје останува низок“, напиша тој на социјалната мрежа Икс.

Во меѓувреме, Марија Ван Керхове од СЗО рече дека експертите ја истражуваат можноста за пренос од човек на човек, што се смета за исклучително ретко. Се верува дека првото лице веројатно се заразило со вирусот и пред да се качи на бродот. Властите исто така соопштија дека немало стаорци на бродот.

Еден случај поврзан со бродот е потврден и во Швајцарија, а здравствените власти во Јужна Африка и Швајцарија идентификуваа сој на вирусот што може да се шири меѓу луѓето во ретки случаи.

Хантавирусите се група вируси што ги пренесуваат глодари, а на луѓето првенствено се пренесуваат преку вдишување честички од исушен измет од глодари. Според американските Центри за контрола и превенција на болести, хантавирусите можат да предизвикаат две сериозни болести.

Една е хантавирусен пулмонален синдром, кој ги зафаќа белите дробови и може да доведе до тешка респираторна инсуфициенција. Другата е хеморагична треска со бубрежен синдром, која ги зафаќа бубрезите и може да предизвика сериозни компликации.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ