петок, 26 јуни 2026

Мицкоски: За евроинтеграциите се бараат конструктивни решенија

Не очекувам дека во евроинтегративниот процес ќе има какви било промени, бидејќи тоа е договор којшто може да се промени само со консензус. Не очекувам дека некои од земјите членки ќе сакаат да се промени тој договор во којшто би изгубиле делумно од своите позиции, но затоа двете, според мене највлијателни земји-членки Франција и Германија дадоа еден предлог во којшто истовремено ќе го забрзаат интегрирањето и ќе му понудат можности на регионот како нивен приоритет, изјави премиерот Христијан Мицкоски во Отвореното студио на Националниот сервис по повод две години Влада.

Објавено на

часот

Сподели

„Јас тоа го разговарав и со канцеларот Мерц и со претседателот Макрон, јасно дефинирајќи што мислиме дека можеби да се додаде или одземе од тој нивен предлог, гледано од нашата оптика. Затоа што ако нивниот предлог е врзан со затворање кластери, ако имате Косово кое што не е ни кандидат, Босна и Херцеговина, Македонија која што почнала, а не почнала, ја имате Србија која што нема усогласена надворешна и одбранбена политика со Европската Унија и има некаква премолчена блокада и не може да отвара и да затвора кластери, тогаш не ја гледам целисходноста. Можеби е доволно да се најде некој друг механизам како Реформската агенда или Планот за раст, па на тој начин, практично да се дадат поттици и поддршка на земјите од Западен Балкан. Тоа беше мојот предлог што го дадов на тие билатерални средби и мислам дека предизвикав внимание. Ќе видиме сега дали тоа ќе биде операционализирано, но во секој случај, јас сум задоволен од тоа што се води сметка, односно се бараат конструктивни решенија во рамките на возможното на регионот да му се понуди европска перспектива, и тоа е добро“, рече Мицкоски.

Тој оцени дека „претходната влада, притисната од неуспехот да испорача дома, буквално беше во состојба бел лист хартија да потпишеме, мислејќи дека на тој начин ќе ја добие милоста да продолжи да биде влада. Очигледно дека таа стратегија не успеа и тие се сега опозиција и таму кај што се“.

„Но сега проблемот ние го имаме, како и многу други проблеми кои што треба да ги решаваме. Нашиот пристап кој е? Ние велиме во ред, ние не можеме да го игнорираме слонот. Слонот е во собата, но ајде да видиме дали е ова последно. Вие велите ова е последно. Ако е тоа така, дајте тоа да го формализираме некако. Видете и тоа не е гаранција. Ние имавме пресуда од Европскиот суд на правдата во Хаг против нашиот јужен сосед, пресуда дека сме во право, па повторно не блокираа, кога дојде ред да се интегрираме во НАТО. Но е подобро од ништо, бидејќи секој заклучок ја добива поддршката институционално од сите земји членки“, истакна Мицкоски.

Тој го искоментира барањето на Бугарија за промена на Уставот, и темата за човековите права.

„Нашиот источен сосед вели вака промената на Уставот е поради непочитување на човекови права и дека со промената на Уставот ќе се зацврстат човековите права на бугарската заедница кај нас. Ајде сега да го анализираме тоа. Прво, ние сме политичари. Ние не сме експерти за човекови права. Темата за човекови права ние можеме да ја злоупотребиме, затоа што не сме експерти. Второ, во Европа има институција каде што има експерти за човекови права. Таа институција е во Стразбур и се вика Суд за човекови права. Јас можам темата за човекови права да ја злоупотребам и политизирам, како и секој политичар, но оваа институција врз основа на факти, докази, меѓународното право, конвенции и така натаму носи пресуда. И тоа треба да се почитува, но за жал не се почитува“, рече Мицкоски.

Тој потсети дека таа институција 14 пати до сега донела пресуда во којашто вели дека човековите права на македонската заедница кај нашиот источен сосед се нарушени и нула пати за бугарската заедница кај нас.

„Сега, ако резултатот на семафорот е 14:0, за кои човекови права и промена на Устав кај нас зборуваме? Нема логика. Ако има волја може, ама тоа не зависи од нас. Тоа треба сите 27 земји членки да донесат заклучок со кој што ќе го поништат претходниот заклучок. Дека тоа ќе се случи во присуство на високи претставници на бугарската влада, да видам, да не верувам. Тоа е невозможно. Но, кога зборуваме за стратегија и за процеси, тогаш мораме тие да ги гледаме холистички. Не може тоа да биде како шведска маса. Па сега мене ова ми се допаѓа, тоа не ми се допаѓа. Нашиот источен сосед има преземено обврски да ги почитува човековите права. Потпишал резолуција, ратификувал во парламент, што значи дека треба да ги обезбеди човековите права на македонската заедница, така што овие пресуди од Судот за човекови права во Стразбур ќе ги имплементира. Со други зборови, ќе им дозволи на припадниците на македонската заедница да се организираат културно, социолошки и општествено. Тие тоа не го прават. Зошто? Затоа што таа живковистичка политика, која што трае со децении, негаторска кон македонскиот идентитет, им внесува страв во коски“, оцени Мицкоски.

Според него, тоа е најголемиот проблем и токму тоа е суштината во протоколот еден и два.

„Во политиката вие стратешки мора да ги гледате и анализирате пред да ставите потпис. Кога ќе ставите потпис, претходно мора да имате предтекст на што ставате потпис и да антиципирате можни предизвици. Затоа што ние оваа трка немаме намера да ја почнеме. Ние имаме намера да ја завршиме. Нашата цел како Влада, со мудрост, со тактика, со стратегија, да се обидеме да го исправиме тоа кое што е погрешно направено. Криво засадено семе криво изртува“, оцени Мицкоски.

Во однос на тоа кои биле мотивите за објавување на нотата, Мицкоски оцени дека тоа е организирана кампања, која што е забележлива во овој период.

„Мислам дека се две работи. Мислам дека се ниски страсти и второ организирана кампања која што во овој период е забележлива. Сега ние сме зафатени со други активности во рамките на партиската реконструкција, владината реконструкција и го користат овој слободен простор еден-двајца политички ликови во државава да се обидат да промовираат нешто кое што никој не може да го прифати“, рече Мицкоски, оценувајќи дека во политиката нема случајности.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува дека ќе биде постигната целта што ја дефинирале на средбата со сопственици на големите маркети – од јули инфлацијата и цените на основните прехранбени производи да останат под три проценти на годишно ниво.

„Зацртавме цел во јули храната да биде под три проценти. За да се постигне оваа цел има одредени услови. Тие услови се во еден или два закони да се направи измена, која ќе треба заеднички да ја усогласиме со дистрибутерите и со производителите и мислам дека ќе најдеме заедничко тло. Но тоа треба да ни биде заедничка цел, цената на храната да не биде зголемена над три отсто на годишно ниво, за ова постоеше општ консензус и резултатот од 2,9 проценти го сметаме за голем успех. Јас мислам и тоа дека ќе го постигнеме“, рече Мицкоски.

Цената на храната, рече, од јануари до мај пораснала за 5,4 отсто, а  во 2022 година, во време на тогашната криза, поскапела за 21,5 проценти.

Мицкоски ги демантираше тврдењата на опозицијата дека Владата не презема мерки за ублажување на кризата. Опозицијата обвинува дека немало пари за проекти, а оваа Влада, рече, затвора инфраструктурни проекти, се завршуваат делници и автопатишта, се реализираат гасоводи, пруги итн. Во оваа енергетска криза која, рече, по обем е многу подевастирачка од претходните, државава има убедливо најевтино гориво во регионот. Посочи и на параметар за инфлација на нафта и нафтени деривати која била 32,3 отсто во 2022 и 5,8 во 2026, како што рече – скоро шест пати подобро.

„Бројките се немилосрдни и ја демантираат опозицијата. Кога слушнам кога велат дека 90 проценти не било реализирано, не знам што да кажам. Но, тие ќе си ја кажуваат нивната приказна, а ние нашата вистина“, посочи премиерот Мицкоски прашан за обвинувањата за буџетскиот дефицит и антикризните мерки.

Споредувајќи економски параметри посочи дека буџетскиот дефицит во 2020 бил 8 проценти од БДП, 5,3 во 2021, 4,4 и 4,6 во 2022 и 2023… За оваа година бил планиран на 3,5 и да не била енергетската криза, рече, би бил и понизок на крајот на годината. „Во 2022 година реалниот раст на платите бил минус 2,9 проценти, а сега е 3 отсто, 6 отсто во плус. Да одиме по други параметри, да речеме инфлација, во 2022 година 14,2%, сега е 4,5%. Било проекција 3,5%, се случи тоа што се случи, но не е 14,5%. Тогаш 2022 година се завршила со раст БДП од 2,8%, а сега растот е 3,1% во првиот квартал, очекувам до крај на годината 3,5%. Ова се параметри, ова се бројки кои вие не можете да ги игнорирате“, нагласи Мицкоски.

Оценувајќи ја состојбата во економијата премиерот рече полека се стабилизираме и дека предизвиците ќе бидат големи во ликвидноста за враќање на обврските.

„Но, имаме план, дури во 2029 ќе бидеме условно растеретени, дотогаш ќе бидеме во предизвици“, додаде Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ