„Реалноста е таква што сигурно ќе дојде до дискриминација. Невакцинираните лица и оние без имунитет нема да можат секаде да работат. Тоа не е можно. Тие би претставувале закана за сите околу нив“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот предупреди дека состојбата со коронавирусот во некои руски региони се влошува, а властите започнаа да промовираат кампања за вакцинација за да се спречи бранот на ширење на заразата.
Во Русија, во вторникот се регистрирани 546 починати како последица на ковид-19, што е најголемиот број потврден за еден ден од февруари и 16.715 новоинфицирани за 24 часа, со што продолжува драматичниот пораст на случаите, што властите го припишуваат на ширењето на делта варијантата на вирусот.
Властите се обидуваат да ги убедат и натераат луѓето да се вакцинираат нудејќи им за возврат шанса да освојат автомобили и станови. На оние што не сакаат да примат вакцина им се заканува намалување на приходите и отпуштања.
Кремљ во петокот, ненадејниот пораст на новозаразените лица го припиша на неподготвеноста на луѓето да се вакцинираат, чија причина се припишува на нихилизам.
Русија произведе и одобри четири вакцини против ковид-19, а водечката вакцина Спутник V ја продаде во многу земји.






