Кирби прецизираше дека е евакуиран персоналот на штабовите, одржувањето и другите припадници на армијата што ја завршија својата мисија на аеродромот во Кабул и чие заминување беше планирано.
„Нивното заминување е одраз на разумно и ефикасно управување со силите. Тоа нема да има влијание врз мисијата што е пред нас“, рече Кирби во изјавата, пренесува Си-ен-ен.
Американската телевизија наведува дека фактот што мал број американски војници веќе го напуштиле Авганистан покажува колку брзо се менува ситуацијата во таа земја.
Темпото на евакуација значително се забрза во последните денови, но една недела пред истекот на рокот американската војска наскоро ќе мора да се концентрира на безбедно повлекување на своите војници и прекин на безбедносните операции на аеродромот, наместо на евакуација на Американците и Авганистанците што сакаат да ја напуштат земјата.
Свесен за опасноста од Исламска држава и другите терористички групи, Пентагон му препорача на Бајден да се придржува до договорот од 31 август како краен рок за заминување на американските војници од Авганистан, што тој и го стори.
Покрај тоа, потсетува Си-ен-ен, талибанците отворено соопштија дека не сакаат американско воено присуство во Авганистан по крајот на август и предупредија дека ќе има „последици“ доколку американските војници останат и по тој рок.






