„Дадов наредба да се пука, па и да се убие без предупредување“, кажа Токаев во телевизиското предупредување, додавајќи дека „терористите продолжуваат да го оштетуваат имотот и да користат оружје против граѓаните“.
Одби какви било преговори и вети дека ќе ги „елиминира“ оние кои ги опиша како „вооружени бандити“, тврдејќи дека 20.000 луѓе дивееле низ главниот град Алмати „со јасен план“.
Неговото обраќање следи неколку часа откако во изјава кажа дека „уставниот поредок во голема мера е вратен во сите региони“, додавајќи дека сите операции на воспоставување ред ќе продолжат „сè додека милитантите не се целосно уништени“.
Во казахстанската економска престолнина Алмати во четвртокот попладне дојде до пукање и експлозии, а полициските сили отворија оган откако беа опколени од демонстрантите.
Војската исто така е распоредена на плоштадот, вклучувајќи ги руските падобранци кои ги испрати Москва откако Токаев побара од регионалната безбедносна организација ОДКВ да интервенира.
Војската ја врати контролата врз главниот аеродром, кој претходно го зазедоа демонстранти. Во четвртокот вечерта дојде до нови судири на главниот плоштад во Алмати, кој во текот на денот наизменично го заземаа трупите и демонстрантите.
Гневот поради двојно зголемените цени на гасот порасна и вклучи други обвинувања, вклучувајќи ги лошите услови за живот во некои области, како и 30-годишното владеење на истата партија.
[video:https://youtu.be/s5jDLnbnXds autoplay:0]





