Шерифот на округот Болдер Џо Пеле изјави за новинарите дека 991 објект се уништени, а уште 127 оштетени во шумскиот пожар што избувна во четвртокот северно од Денвер.
Пеле рече дека е потврдено дека се исчезнати три лица, а се стравува дека се мртви бидејќи во пожарот им биле уништени куќите.
„Има три неразјаснети пријави за исчезнати лица. Нивните домови се уништени, во тие куќи има потенцијални човечки останки. Местата на пожарите сè уште се врели, сè е срушено и сега е покриено со околу 20 сантиметри снег“, рече Пеле.
„Значи, потрагата е значително отежната“, рече тој, додавајќи дека снежните врнежи го спречиле ширењето на пожарот.
„Мислев дека ќе имаме изгубени животи само врз основа на размерите на овој пожар, неговата брзина и сериозност. Мислам дека е неверојатно ако се три, а не 100 или стотици, па затоа сум благодарен за тоа, но и исклучително ми е жал за тие семејства“, рече Пеле.
Шерифот рече дека истрагата за причините за пожарот продолжува.
Француската агенција АФП наведува дека штетата е зачудувачка: снимките од воздух покажуваат дека цели улици се претворени во купишта пепел. Пожарот, за разлика од претходните пожари, ги зафати приградските населби, а не само руралните области.
Во четвртокот, шумски пожар принуди околу 30.000 жители да ги напуштат своите домови во Луисвил и Супериор, северно од Денвер.
Според гувернерот на Колорадо, Џаред Полис, пожарот, кој беше разгорен од силните ветрови, уништи цели населби „додека трепнеш”.
На жителите во четвртокот им беше наредено да се евакуираат од своите домови, повеќето само со облеката што ја носеле.
„Семејствата имаа само неколку минути да стават сè што можат – своите деца, животни – во автомобил и да заминат”, објасни Полис.
Ваквите пожари се невообичаени во зима.
Колорадо веќе неколку години е погоден од екстремна суша, како и поголемиот дел од американскиот запад.
Во последниве години, овој дел од Соединетите Држави доживеа невидени пожари, особено во Калифорнија и Орегон.
Со глобалното затоплување, интензитетот и зачестеноста на епизодите на суша и топлотни бранови веројатно дополнително ќе се зголемат, продолжувајќи да создаваат идеални услови за шумски пожари.






