Веста за нејзиното бегство ја објави Асошиејтед прес, агенцијата за која Моради, во албанскиот град Голем, каде во моментов живеат 2.000 авганистански бегалци, изјавила дека својата земја многу ја сакала, но дека морала да ја напушти бидејќи децата ѝ биле во опасност.
АП потсетува дека со години далечниот роднина на Това Моради, Зебулон Симантов за себе зборувал дека е последниот Евреин во Авганистан, единствениот преостанат од со векови старата заедница.
Тој на новинарите им наплаќал интервјуа и се грижел за единствената преостаната синагога во Кабул, а од таму си заминал во септември, еден месец пред својата 83-годишна роднина Моради.
Таа е едно од десетте деца од еврејско семејство во Кабул. Кога имала 16 години избегала од дома и се венчала со муслиман, но никогаш не го прифатила исламот и ја почитувала еврејската традиција.
Во квартот во кој живеела не било тајна дека е Еврејка, а нејзината ќерка Коршид која живее во Канада го потврдила тоа за АП, кажувајќи дека никогаш не го негирала јудаизмот, туку се венчала за да си го спаси животот, бидејќи како млада девојка не била безбедна во Авганистан.
И покрај несогласувањата околу одлуката да се венча за муслиман, Моради со години одржувала врски со некои свои роднини, а нејзините родители со нејзините браќа и сестри го напуштиле Авганистан во шеесеттите и осумдесеттите години од минатиот век.
Родителите ѝ се погребани во Ерусалим, а преживеаните од тоа семејство и нивните потомци живеат во Израел.
За време на првиот период на владеењето на талибанците од 1996 до инвазијата на САД во 2001 година живеела повлечено, но го ризикувала животот криејќи го од талибанците рабинот Исак Леви, еден од малкуте преостанати Евреи во Авганистан.
Кога талибанците дошле да го бараат рабинот, семејството кое го криело кажало дека е муслиман.
Моради во меѓувреме го подготвувала бегството на рабинот од земјата, но тој се разболел и починал во 2005 година. Неговите посмртни остатоци се пренесени во Израел и таму е погребан.
По враќањето на талибанците на власт во август, Моради и нејзиното семејство стравувале бидејќи, и покрај ветувањата на новите власти дека ќе ги обноват мирот и безбедноста, порадикалните групи им се заканувале на оние кои не ја делат таа екстремна идеологија.
Семејството во Канада се обратило за помош на еврејски бизнисмен во Торонто, а известен бил и директорот на Израеид, организацијата која им помага на луѓе во неволја низ светот, а сега на Авганистанците да ја напуштат таа земја.
На бегството на Това Моради придонеле и авганистански дипломати во странство, кабинетот на израелскиот претседател и еврејски бизнисмени.
Сега таа со шест свои роднини е во Албанија, а поголемиот дел од семејството избегал во Обединетите Арапски Емирати.
Сите се надеваат дека ќе може да одат во Канада за да живеат со своите деца.






