сабота, 25 април 2026

Портпаролот на талибанците: Сакаме дипломатско признавање и финансиска помош од Германија

Објавено на

часот

Сподели

„Сакаме силни и официјални дипломатски односи со Германија“, кажа Забихулах Муџахид за германскиот весник.

Талибанците сакат и финансиска и хуманитарна помош од Берлин и соработка во здравството, земјоделството и образованието.

Таков вид соработка талибанците сакаат да остварат и со други држави, кажа Муџахид. Во минатото Германците секогаш беа добредојдени во Авганистан, кажа тој.

„За жал, тогаш им се придружија на Американците. Но, тоа е сега простено“, кажа портпаролот.

Германскиот министер за надворешни работи Хеико Мас најави дека Берлин ќе продолжи да го помага развојот на Авганистан, а еден од условите за тоа е талибанците да состават широка влада во која ќе вклучат и претставници на другите групи и малцинства.

Германија ја затвори својата амбасада во Кабул и ја прекина помошта за развој откако талибанците минатиот месец ја освоија власта.

Меѓутоа, Берлин вети дека ќе продолжи да пружа итна помош на раселените во Авганистан и на бегалците од таа земја преку хуманитарните организации.

Европската Унија ги договори неделава условите за ограничена соработка со талибанците. Првиот услов е талибанците да гарантираат дека Авганистан нема да биде засолниште за терористите кои би можеле да напаѓаат други земји како што беше во минатото.

Понатаму, талибанците мора да ги почитуваат човековите права, особено на жените, да состават инклузивна влада, да овозможат непречен влез на хуманитарната помош и да им овозможат на странските државјани и ранливите Авганистанци кои тоа го сакаат да ја напуштат земјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ