Иницијатор на расправата е пратеничката група на Социјалистичката народна партија (СНП), а ја поддржаа пратениците на парламентарното мнозинство.
СНП во објаснувањето наведе дека Ѓукановиќ на 28 август на Цетиње кажа дека „не е паметно да се инсистира на устоличување во тој град, туку е паметно да се премести од Цетиње и да се спроведе во некој од многубројните храмови во другите градови“.
„Се надевам дека нема да бидам во ситуација на 5 септември да бидам на Цетиње, таму каде што ќе бидат жителите и каде што е мнозинска Црна Гора, каде што се брани достоинството на државата“, кажа тогаш Ѓукановиќ.
СНП смета дека со таквото постапување Ѓукановиќ грубо го прекршил членот 14 од уставот на Црна Гора кој пропишува дека верските заедници се одвоени од државата, како и дека тие се рамноправни и слободни во вршењето на верските обреди и верските работи.
„Исто така Ѓукановиќ ја надминал рамката на надлежностите на претседателот на Црна Гора пропишани со членот 95 од уставот“, наведе партијата. Се оценува дека Ѓукановиќ директно се вмешал во работите на една верска заедница, конкретно СПЦ.
„Со тоа, спротивно на уставот, го нарушил принципот на секуларност на Црна Гора, односно принципот на одвоеноста на верските заедници од државата“, се наведува во објаснувањето.
„Нарекувајќи ги противниците на устоличувањето мнозинска Црна Гора директно предизвика поделба на граѓаните на оние кои го поддржуваат и оние кои не го поддржуваат устоличувањето на митрополитот на Цетиње“, наведе СНП.
„Тоа е само еден од примерите кои ја карактеризираат долгогодишната пракса на Ѓукановиќ преку поделба, предизвикување омраза, закани и повик на судири да се обиде да ги наруши меѓунационалните и меѓуверските односи во државата“, наведуваат пратениците на СНП. Во објаснувањето се потсетува дека Ѓукановиќ учествуваше на непријавениот и забранет собир на 5 септември на Цетиње.
„Претседателот на Црна Гора собранието може да го разреши кога Уставниот суд ќе утврди дека го нарушил уставот“, пишува во црногорскиот устав.






