Во Индија денеска се евидентирани 90.928 нови случаи на зараза, што е речиси четири пати повеќе отколку на почетокот на годината. Најголемиот број заразени со ковид доаѓаат од градовите каде варијантата омикрон стана подоминантна од делта.
Но, повеќето од заразените биле или асимптоматски или имале само благи симптоми на зараза, рекоа локалните власти, пренесува Ројтерс.
„Исто така, внимаваме и на ситуацијата во окрузите и руралните области, каде што исто така е забележан пораст на заразените“, рече Ајај Чакраборти, директор на здравствените служби на Западен Бенгал.
„Многу кревети за болни со ковид во Калкута сè уште се слободни. Само 75 заразени пациенти беа примени во болницата Белиагата во вторникот, иако имаше повеќе од 9.000 нови случаи во државата“, додаде тој.
Во средата во Мумбаи беа пријавени 15.166 нови инфекции. Речиси 90% од новите случаи немале никакви симптоми на болеста, а само 8% биле хоспитализирани.
Бројот на случаи во Делхи е речиси двојно зголемен, но властите велат дека само 7% од креветите во одделенијата за пациенти со ковид се пополнети.
Сепак, здравствените власти предупредуваат дека и голем број полесни случаи во одреден момент можат да станат притисок врз здравствениот систем.






