„Владата на Република Никарагва денеска ги прекинува дипломатските односи со Тајван и престанува да има какви било контакти или официјални односи. Народна Република Кина е единствената легитимна влада што ја претставува цела Кина, а Тајван е неотуѓив дел од кинеската територија“, се вели во соопштението на министерството за надворешни работи.
Тајван брзо реагираше, изразувајќи „болка и жалење“ поради одлуката и рече дека претседателот на таа централноамериканска земја, Даниел Ортега, го запоставил пријателството меѓу народот на Тајван и Никарагва.
Раскинувањето со Тајван претставува удар за САД, а следи по повеќемесечно влошување на односите меѓу Ортега и Вашингтон, а дојде на денот кога американскиот Стејт департмент соопшти дека вовел санкции за советникот за национална безбедност на Ортега, Нестор Монкади Лау, велејќи дека тој управувал со шема на увозни и царински измами за збогатување на членовите на владата на Ортега.
Белата куќа и Стејт департментот не одговорија веднаш на барањето за коментар, пишува Ројтерс.
Минатиот месец, американскиот претседател Џо Бајден го критикуваше Ортега, нарекувајќи ги претседателските избори во Никарагва „пантомима“ затоа што поранешниот марксистички герилец и противник на САД од Студената војна победи на изборите и освои четврти мандат по ред.
Потегот на Никарагва го остава Тајван со само 14 формални дипломатски сојузници, главно во Латинска Америка и Карибите, заедно со неколку мали држави.
Овој потег уследи и по заканите од новите лидери на Хондурас дека ќе ги прекинат врските со Тајпеј. Сепак, по минатомесечните избори во Хондурас, тимот на идниот претседател Ксиомар Кастро донекаде се повлече од таа позиција.






