Астронаутката на НАСА Меган Мекартур ја опиша ситуацијата како „под стандардите“, но кажа дека некако ќе се снајдат. Таа и уште тројца астронаути ќе минат 20 часа во капсулата на Спејсекс пред да слетаат на Земјата.
„Летот во вселената е полн со мали предизвици. Ова е само уште еден во низата со кои моравме да се соочиме во оваа мисија. Не сме премногу загрижени“, кажа Мекартур на конференцијата за медиуми од орбитата.
Францускиот астронаут Томас Песке кажа дека во изминатите шест месеци во вселената било интензивно, а дека меѓу другото ѝ биле домаќини на руската вселенска филмска екипа која снимаше сцени на Меѓународната вселенска станица.
На крајот се појави проблемот со тоалетот во капсулата на Спејсекс, односно беше утврдено дека од него протекува урина. Инженерите ја прегледале капсулата и кажаа дека не е загрозена, но дека тоалетот не може да се користи.
Во екипата со Песке и Мекартур се и астронаутите Шејн Кимбро и Акико Хошиде. Тие се во вселената од 23 април. Во Меѓународната вселенска станица ќе останат еден Американец и двајца Руси кои ќе ја пречекаат новата екипа астронаути.






