вторник, 21 јули 2026

Најмалку 27 загинати и 83 исчезнати по превртување на траект кај Гвајана (ВИДЕО)

Најмалку 27 лица загинале, а по 83 сè уште се трага откако во саботата навечер патнички траект се превртел во близина на брегот на Гвајана. Од бродот „МВ Барима“ биле спасени 69 патници, потврдиле властите. Нуркачи го пребаруваат местото на несреќата, а семејствата се повикани да ги пријават исчезнатите членови, пишува Би-би-си.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Премиерот на Гвајана, Марк Филипс, во понеделникот изјави дека истрагата за причините за трагедијата е во тек.

„Сакам да бидам целосно јасен: доколку се утврдат небрежност, пропусти или кривични дела, одговорните ќе ги сносат сите законски последици“, порача Филипс.

Министерот за јавни работи на Гвајана, Хуан Еџхил, уште во неделата го обвини операторот на бродот дека се обидел да „го надигра системот“. Според официјалниот список, на траектот имало 133 лица, но премиерот Филипс сега наведува дека вистинскиот број бил значително поголем и дека на бродот вкупно се наоѓале 179 луѓе.

Еџхил откри и дека капетанот и најмалку еден член на екипажот биле позитивни на тест за канабис.

„Имаме нулта толеранција за консумирање алкохол или дрога на работното место. Тоа што капетанот бил позитивен на тестот е многу сериозно“, изјави министерот и потврди дека капетанот и неколку членови на екипажот се во полициски притвор.

Траектот „МВ Барима“, брод долг 40 метри изграден во 1939 година, во саботата попладне испловил од главниот град Џорџтаун кон Порт Каитума на северот на земјата. Повикот за помош бил упатен во 23:01 часот по локално време, по што била започната спасувачка операција.

Преживеаната патничка Елена Мунсами за локалните медиуми раскажала дека траектот нагло се навалил откако го погодил голем бран. Водата веднаш почнала да навлегува во бродот и тој, според нејзините зборови, потонал за само неколку секунди.

Мунсами се спасила држејќи се за кутија што пловела по водата. Во хаосот се обидела да го држи за рака своето двегодишно дете, но брановите ги разделиле. Таа раскажа и како успеала да ѝ помогне на друга жена, која ја повлекла кон кутијата за која се држела.

„Наш приоритет и понатаму е потрагата по луѓето. Сè уште се надеваме“, изјави премиерот Филипс.

Во спасувачката акција, покрај владините тимови, учествувале и приватни чамци, кои од морето извлекле најмалку 17 преживеани. Меѓу вкупно 69 спасени лица има и 15 деца.

Во потрагата помага и француската војска, која од соседна Француска Гвајана, на североисточниот брег на Јужна Америка, испратила тим од 12 нуркачи, двајца лекари и еден механичар.

Министерот за здравство Френк Ентони извести дека тројца преживеани биле задржани во болница со полесни повреди, додека останатите биле пуштени. Повеќето од спасените имаат исеченици и модринки од повеќечасовното држење за пловечките остатоци од бродот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ