Мерката, објавена во јануари и завршена овој месец, би можела да опфати стотици илјади странци кои живеат и работат во земјата без дозвола. Програмата нуди едногодишна дозвола за престој, со можност за продолжување, на мигранти без регуларен статус, доколку можат да докажат дека живееле во земјата најмалку пет месеци и дека немаат криминално досие.
Апликациите може да се поднесат до крајот на јуни во повеќе од 370 пошти, 60 канцеларии за социјално осигурување, некои канцеларии за миграција и преку интернет. Шпанската влада проценува дека програмата би можела да опфати околу 500.000 мигранти, додека шпанскиот тинк-тенк Функас верува дека бројот би можел да достигне околу 840.000 луѓе.

Апликантите во Мадрид и Барселона го опишаа процесот како во голема мера уреден, но некои го критикуваа долгото чекање дури и откако имаа закажани термини. Шпанскиот премиер Педро Санчез ја нарече програмата за амнестија „чин на правда и неопходност“. Тој нагласи дека луѓето што веќе живеат и работат во Шпанија треба да го прават тоа „под еднакви услови“ и да плаќаат даноци.
Владата ја брани мерката како економска одлука која има поддршка од работодавачите и синдикатите, бидејќи на земјата ѝ се потребни дополнителни работници за одржување на растот на економијата и да се финансира социјалниот систем. Овој пристап значително се разликува од оној во другите делови на Европа, каде што многу влади се обидуваат да го ограничат пристигнувањето на мигрантите и да го зголемат бројот на депортациите.

Населението на Шпанија значително се зголеми во последните години, а секој петти жител, или околу 10 милиони луѓе, е роден надвор од земјата.
Многумина доаѓаат од Латинска Америка и Африка, особено Колумбија, Венецуела и Мароко, бегајќи од сиромаштија, насилство или политичка нестабилност. Денес, тие работат во клучните сектори на шпанската економија, вклучувајќи земјоделство, туризам и услужни дејности.

Стапката на невработеност во Шпанија во последниот квартал од минатата година падна најниско ниво во 18 години. Таа изнесуваше 9,93 проценти, најниско ниво од финансиската криза во 2008 година, која особено силно ја погоди Шпанија. Сепак, таа останува една од највисоките стапки на невработеност во Европската Унија.
Ова не е прв пат Шпанија да спроведе мерка за регулирање на статусот на мигрантите. Тоа го стори шест пати помеѓу 1986 и 2005 година, вклучително и за време на конзервативни влади.






