вторник, 5 мај 2026

Макрон: Франција со новите нуклеарни реактори обезбедува енергетска независност

Објавено на

часот

Сподели

„За прв пат во неколку децении, повторно ќе почнеме да градиме нуклеарни реактори во Франција и ќе продолжиме да развиваме обновливи извори на енергија“, рече францускиот претседател во телевизиска порака до нацијата во вторникот.

Одлуката е неопходна за да се одржат цените на енергијата „разумни“, рече Макрон, алудирајќи на остриот скок на цените на струјата и гасот во последните месеци.

Новите нуклеарни реактори „ќе ја гарантираат енергетската независност на Франција, ќе го гарантираат снабдувањето со електрична енергија на нашата земја и остварувањето на нашите цели, особено јаглеродна неутралност до 2050 година“, објасни Макрон, без да наведе детали.

Владата досега тврдеше дека нема да започне нови проекти за изградба на ЕПР реактори од трета генерација пред завршувањето на повеќекратните одложувања на нуклеарната централа Фламанвил, која доцни веќе десет години и значително ги надмина планираните трошоци.

Макрон на почетокот на својот претседателски мандат вети дека до 2035 година ќе го намали уделот на нуклеарна енергија во енергетскиот микс од 75 на 50 отсто, потсетува Ројтерс.

Се очекува владата да објави изградба на шест нови ЕПР реактори во наредните недели, забележува Ројтерс.

Така, Франција се одлучи на поинаков пат од оној што го зацрта Германија по нуклеарната катастрофа во Фукушима, Јапонија во 2011 година, со забрзувањето на затворањето на нуклеарните централи, забележува агенцијата.

Еколошкото здружение Гринпис остро ја критикуваше најавата за изградба на нови нуклеарни реактори во Франција, тврдејќи дека тоа покажува „губење врска со реалноста“ со оглед на проблемите со проектот во Фламанвил.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ