понеделник, 17 ноември 2025

Мадуро се пофали со 5.000 руски ракети на клучни позиции

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро тврди дека неговата земја има 5.000 противвоздушни ракети од руско производство на „клучни позиции“, во услови на зголемени тензии околу распоредувањата на американската војска на Карибите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека размислува за воена акција во Венецуела како дел од кампањата против трговијата со дрога и поширок напор за соборување на Мадуро, долгогодишен противник на Вашингтон, пишува Си-ен-ен.

„Секоја воена сила во светот ја знае моќта на „игла-С“, а Венецуела има не помалку од 5.000 од нив“, рече Мадуро за време на настан со воен персонал што го емитуваше државната телевизија ВТВ.

Станува збор за руски ракети „игла-С“, системи со краток дострел и ниска висина на лет, кои се слични на американските „стингери“. Тие можат да соборуваат мали воздушни цели како што се крстосувачки ракети и беспилотни летала, како и хеликоптери и авиони што летаат ниско. Мадуро додаде дека ракетите, доволно лесни за да ги носи еден војник, биле распоредени „дури и на последната планина, во последниот град и последното населено место на територијата“.

Соединетите Американски Држави распоредија 4.500 маринци и морнари на Карибите за да ги засилат операциите против нарко-картелите и да демонстрираат воена моќ. Веќе беа изведени неколку смртоносни напади врз бродови покрај карипскиот брег за кои се вели дека превезувале дрога, а легалноста на тие напади е доведена во прашање и од демократските и од републиканските пратеници во САД.

Минатата недела, Трамп изјави дека ја овластил ЦИА да спроведува тајни операции во Венецуела и дека САД размислуваат за проширување на воената кампања и на копно. Целта е да се зголеми притисокот врз Мадуро со цел да се собори од власт. „Сега сигурно го разгледуваме копното, бидејќи го имаме морето многу добро под контрола“, изјави американскиот претседател за новинарите.

Извори за Си-ен-ен изјавија дека администрацијата на Трамп со месеци го подготвува теренот за можна воена акција, поврзувајќи го Мадуро со трговци со дрога и картели што американските претставници ги означиле како терористички групи. Сепак, досега нема индикации дека Трамп одлучил да го преземе тој чекор. Целта, наместо директна акција, е да се создаде веродостојна закана за да се принуди Мадуро сам да се повлече.

Мадуро одговори на активностите на САД со преместување на трупи и мобилизирање на „милиони“ припадници на милицијата. Тој тврдеше дека неговите доброволни милиции бројат повеќе од 8 милиони резервисти, иако експертите се сомневаат во тој број, како и во квалитетот на нивната обука.

Венецуелскиот народ е „јасен, обединет и свесен“, рече Мадуро во телевизиско обраќање минатата недела. „Тие имаат средства уште еднаш да го поразат овој отворен заговор против мирот и стабилноста на Венецуела“, додаде тој.

Според Рособоронекспорт, руската државна компанија што ги извезува системите „игла-С“, ракетите имаат дострел до 6.000 метри и можат да достигнат цели на максимална надморска височина од 3.500 метри.

Си-ен-ен не беше во можност независно да го потврди бројот на 5.000 ракети на Мадуро, но се знае дека тие се дел од арсеналот на Венецуела, што е потврдено со извештај на Меѓународниот институт за стратешки студии (ИИСС). Покрај тоа, венецуелскиот министер за одбрана Владимир Падрино е фотографиран неколку пати со лансери на овие ракети во Каракас. Си-ен-ен контактираше со министерствата за одбрана на Венецуела и САД за коментар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ