Зборувајќи на прес-конференција за време на посетата на Пекинг, Лавров нагласи дека Москва го почитува ставот на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој во разговорите со рускиот претседател Владимир Путин постојано нагласуваше дека европската перспектива ја гледа преку економските интереси и инфраструктурата, но не на штета на односите со Русија.
„Претседателот Вучиќ постојано повторуваше дека нема да се приклучи на Европската Унија под антируски услови. Ние го почитуваме таквиот став“, рече шефот на руската дипломатија.
Лавров го критикуваше пристапот на Брисел кон Белград, наведувајќи дека продолжувањето на преговорите за пристапување на Србија е условено од две клучни барања: признавање на независноста на Косово, што го оцени како доказ за „антисрпската суштина“ на ставот на Брисел, и целосно почитување на санкциите што Европската Унија ѝ ги воведе на Русија.
„Тоа е сè“, нагласи Лавров, додавајќи дека ваквите притисоци се во спротивност на волјата на српскиот народ, кој, според него, има силни историски симпатии кон Русија и Кина.
Зборувајќи за регионалната стабилност, министерот истакна дека Русија, за разлика од ЕУ, е заинтересирана за „обединувачка инфраструктура“ на Балканот во економска и културна смисла.
Во овој контекст, тој ја пофали и кинеската иницијатива „Еден појас, еден пат“, оценувајќи ја како многу популарна и корисна за целиот регион.
„Ние, секако, стоиме со српскиот народ, како и Народна Република Кина“, рече Лавров, заклучувајќи дека Москва ќе го почитува изборот на граѓаните на Србија.
Според него, претседателот Вучиќ, како „искусен политичар“, добро го разбира и го чувствува расположението на својот народ.






