вторник, 21 јули 2026

Кремљ: Најголемата грешка на Европа е што преговара со Русија од позиција на сила

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, оцени дека обидот на Европската Унија да преговара со Русија „од позиција на сила“ е слепа улица и „најголема грешка“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Од Москва порачуваат дека таквите обиди, засновани на притисок, се суштински погрешни, но истовремено тврдат дека остануваат отворени за дијалог со Европа. Песков во петокот, на редовниот брифинг во Москва, се осврна на украинските напади и на можностите за обновување на односите со ЕУ, пишува Киев пост.

Песков изјави дека европските лидери се во заблуда ако веруваат дека можат да преговараат врз основа на она што го сметаат за слабост на Москва.

„Европејците се во голема заблуда ако претпоставуваат дека со Русија треба да се преговара од позиција на сила“, рече тој. „Тоа е нивната најголема грешка, без разлика дали станува збор за некомпетентност, дезинформации или чиста глупост“, додаде Песков.

И покрај критиките, Песков нагласи дека Москва и понатаму е отворена за преговори.

„Ние не го инициравме прекинот на контактите и нивното сведување на нула“, објасни тој. Тој повика на „здрав разум“ и на заемно признавање на реалноста на теренот.

Песков повтори дека претседателот Владимир Путин „повеќепати“ ја потврдил подготвеноста на Москва за дијалог, но без ултиматуми и без „морализирање“ од страна на Европската Унија.

Путин досега ги одбиваше или ги исмеваше сите предлози за мировни преговори. Меѓу нив беше и отвореното писмо на претседателот Володимир Зеленски, во кое тој побара средба, како и предлогот за средба на самитот на Г7 во Франција, за кој Кремљ тврди дека никогаш не добил официјална покана.

Коментарите на Песков доаѓаат во време на засилени напади со дронови врз Москва. Украина во четвртокот, 18 јуни, изврши напад кој беше опишан како еден од најголемите досега, насочен кон клучна инфраструктура во главниот град и неговата околина. Руските власти тврдат дека пресретнале 194 дрона.

Според руските претставници и медиуми, нападите продолжиле и во петокот, втор ден по ред. Тој напад уследи по ноќниот удар во кој, според тврдењата на Москва, учествувале речиси 200 дрона.

„Киевскиот режим продолжува по овој пат, а тоа не е во согласност со преговорите“, изјави Песков. Тој додаде дека како одговор на нападите „се преземаат соодветни мерки“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ