Студијата, објавена оваа недела од Националниот институт за здравство на САД (НИХ), покажа дека најмалку седум лица во пет различни американски држави биле заразени со вирусот што предизвикува ковид-19 неколку недели пред да бидат пријавени првите официјални случаи.
Главниот епидемиолог на кинескиот Центар за контрола и превенција на болести, Зенг Гуанг, порача дека сега треба вниманието да се насочи кон Соединетите Држави, кои бавно ги тестираа луѓето во раните фази на пандемијата, а исто така се седиште на многу биолошки лаборатории.
„Сè што е поврзано со биолошкото оружје што го имаат Соединетите Држави треба да биде подложено на контрола“, изјави Зенг за кинески Глобал тајмс, пренесува Ројтерс.
Коментирајќи ја студијата во средата, портпаролот на Министерството за надворешни работи Џао Лиџијен соопшти дека сега е очигледно дека епидемијата на ковид-19 има „повеќекратно потекло“ и дека и другите земји треба да соработуваат во истрагата со Светската здравствена организација (СЗО).
Потеклото на пандемијата стана извор на политичка напнатост меѓу Кина и Соединетите Држави, а фокусот беше насочен кон Институтот за вирусологија во Вухан, Кина, каде што првпат беше идентификувано избивањето на епидемијата на крајот на 2019 година.
Според неодамнешен напис на Волстрит џурнал, во извештајот на националната лабораторија на американската влада се заклучува дека веројатно вирусот протекол од оваа кинеска лабораторија.






