вторник, 9 јуни 2026

Над 100 текстилни работници на протест, три месеци се без плата и здравствено осигурување

Над 100 текстилни работнички и работници од конфекциите „Фермактекст“ и „Европа Фешн“ попладнево излегоа на протест за да си ги побараат трите неисплателни плати и придонеси за април, мај, јуни од 2025 година, како  и К-15 и отпремнини кои им следуваат законски.

Објавено на

часот

Сподели

„Па, јас се надевам дека конечно ќе дојде ред и ние работниците да бидеме заштитени, затоа што за три месеци не зедовме ни плата, не зедовме ништо, никакви придонеси, ни беше укинато здравственото осигурување, значи немавме буквално ништо. Затоа бевме оставени без плата, без пари и да се снаоѓаме кој како може. Е, затоа очекуваме дека барем основата што треба државата да ја преземе за нас, како што е заштита на нашите права, плаќање на придонесите, да не останеме само како бројка што биле напуштени без никаков приход“, изјави Анета Јованова текстилна работничка.

Педесет и девет годишната Светлана Петкова вели дека 17 години шиела на машина за овие две штипски конфекции.

„И така не оставија на милост и немилост, без пари, здравство неплатено, не те прашуваат дали имаш или немаш. Како можеш да се снајдеш кога ти немаш ништо четири месеци без пари? А како да се снајдеш? Прво и прво до здравство не можеш да дојдеш, а сите сме под лекарства“, рече Петкова.

 

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ вели дека долгот на овие конфекции кон работниците надминува 13 милиони денари. Инаку, како што посочи Ампева станува збор за компании со германски капитал, а управители биле лица од Бугарија.

„Во исто време случајот е веќе предмет на постапка пред германскиот Национален контакт пункт за ОЕЦД насоки. Германските институции веќе преземаат чекори, бараат информации од сопствениците, односно германскиот холдинг, Feldkoess Holding GmbH, и одговорните лица, односно управителите на двата правни субјекти, „Фермактекс“ и „Европа Фешн“, кои што управители се од Република Бугарија. И исто така тие ги информираа и германските амбасади во Скопје и Софија, па и еве се прашувам зошто германските институции повеќе се залагаат за правата на работниците во Македонија отколку самите македонски институции коишто се платени од нас“, рече Ампева.

Работниците од штипските конфекции „Фермактекст“ и „Европа Фешн“ и здружението „Гласен Текстилец“ на денешниот протест побараа Јавното обвинителство во Штип, Финансиската полиција и Одделот за економски криминал при МВР да постапат и да одговарат на нивните претставки и да ги заштитат и работниците и државниот буџет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ