„Во политиката сè треба да се прави на време. Требаше да се прекинат дипломатските односи со Москва во 2014 година на почетокот на агресијата“, смета шефот на украинската дипломатија.
Како што истакна, сега е создаден одреден статус кво кога тој прекин ништо нема да смени и ниеден проблем нема да биде решен со тоа.
Истовремено, Кулеба кажа дека жали поради отсуството на контакт со руските дипломати и изрази желба за средба со рускиот колега Сергеј Лавров.
Додаде дека постои „нормално ниво на дијалог“ меѓу амбасадите на Русија и Украина.
Кон средината на април повеќе пратеници од парламентот на Украина, Врховната рада, од партијата Слуга на народот побараа од претседателот на земјата Володимир Зеленски да ги раскине дипломатските односи со Руската Федерација и да ги повика резервистите.
Односите на Русија и Украина се влошија поради ситуацијата во Донбас, каде Киев во 2014 година почна воена операција против самопрогласените Доњецка и Луганска Народна Република, како и поради Крим, кој беше анектиран од страна на Русија по референдумот на полуостровот.
Во јануари 2015 година Врховната рада усвои изјава со која Русија ја нарече „земја агресор“.
Русија ги негира обвинувањата на украинската страна и ги нарекува неприфатливи.
Москва повеќе пати истакна дека не е вмешана во внатрешниот украински конфликт и дека е заинтересирана Киев да ја надмине политичката и економската криза.






