понеделник, 20 април 2026

Канадскиот премиер: Светот стана опасен, блиските врски со САД се слабост

Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека силните економски врски на неговата земја со САД, кои некогаш беа предност, сега станаа „слабост што треба да се поправи“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во 10-минутното видео обраќање објавено во неделата, Карни нагласи дека Канада не може да се потпре на надежта дека САД ќе се вратат во улогата на партнерот каков што некогаш беа и мора да преземе активни чекори за да се заштити од нарушувањата предизвикани од администрацијата на Трамп, објави Јуроњуз.

Во обраќањето, Карни зборуваше за напорите на неговата влада за зајакнување на канадската економија преку привлекување на нови инвестиции и потпишување трговски договори со други земји. „Светот стана поопасно и поподелено место“, рече Карни. „САД фундаментално го променија својот пристап кон трговијата, зголемувајќи ги царините на нивоа што не се видени од Големата депресија“.

„Многу од нашите поранешни силни страни, кои се базираа на блиски врски со Америка, се претворија во слабости. Ова се слабости што мора да ги поправиме“, додаде тој.

Карни истакна дека царините што ги наметна американскиот претседател Доналд Трамп ги погодија работниците во автомобилската и челичната индустрија во Канада. Тој исто така изјави дека компаниите ги одложуваат инвестициите, „попречени од превезот на неизвесност што се надви над сите нас“.

Премиерот најави дека редовно ќе ги информира Канаѓаните за напорите на својата влада да ја намали зависноста од САД. „Безбедноста не се постигнува со игнорирање на очигледното или со потценување на многу реалните закани со кои се соочуваме ние Канаѓаните“, рече тој. „Ви ветувам дека никогаш нема да ги разубавувам предизвиците што се пред нас“.

Ова не е прв пат Карни, поранешен гувернер на централните банки на Канада и Англија, да зборува за промените во глобалната распределба на моќта. За време на говорот на Светскиот економски форум во Давос во јануари, тој доби широки пофалби за осудата на економската принуда на големите сили врз помалите земји, предизвикувајќи остра реакција од Трамп.

„Канада живее на сметка на САД“, рече Трамп во тоа време. „Запомни го тоа, Марк, следниот пат кога ќе даваш изјави“. Досега немаше реакција од Белата куќа на обраќањето на Карни од неделата.

Коментарите на премиерот доаѓаат само неколку дена откако тој победи на специјални избори за да обезбеди мнозинска влада. Во исто време, опозициските конзервативци вршат притисок врз него да исполни едно од своите минатогодишни изборни ветувања и да постигне трговски договор со САД.

Во своето обраќање, Карни најави планови за привлекување нови инвестиции во Канада, удвојување на капацитетите за чиста енергија и намалување на внатрешните трговски бариери. Тој исто така ги истакна зголемените трошоци за одбрана, намалувањето на даноците и напорите да се направи домувањето попристапно.

„Мораме да се грижиме сами за себе затоа што не можеме да се потпреме само на еден странски партнер“, рече тој. „Не можеме да ги контролираме нарушувањата што доаѓаат од соседството. Не можеме да управуваме со нашата иднина надевајќи се дека сè тоа одеднаш ќе престане.“

„Можеме да го контролираме она што се случува кај нас. Можеме да изградиме посилна земја што ќе може да издржи надворешни нарушувања“, додаде Карни. Канадскиот премиер истакна дека надежта дека „Соединетите Држави ќе се вратат во нормала“ не е одржлива стратегија.

„Надежта не е план, а носталгијата не е стратегија“, нагласи тој, потсетувајќи дека неговата земја им била „одличен сосед“ на САД, поддржувајќи ги во воените конфликти, вклучувајќи ги Авганистан и двете светски војни. „САД се променија и ние мора да реагираме на тоа“, заклучи тој. „Овде се работи за преземање на контрола врз сопствената безбедност, границите и иднината.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ