Литургијата за поранешниот англикански надбискуп од Кејп Таун ќе се одржи во катедралата Свети Џорџ во 10 часот (9 часот по средноевропско време) и ќе се емитува на државната јужноафриканска телевизија. Неговата пепел ќе биде закопана во мавзолејот во катедралата.
Јужноафриканскиот херој на борбата против апартхејдот и глобален активист за човекови права почина во неделата на 90-годишна возраст.
Тој беше познат по борбата за расна правда и правата на ЛГБТ популацијата, а неговата смрт предизвика бран почести од целиот свет.
Туту, добитник на Нобеловата награда за мир, токму од скалите на катедралата Свети Џорџ во Кејп Таун водеше бројни кампањи и маршеви и држеше говори против тиранијата на белото малцинство, поради што и црнците и белците го почитуваа како национална морална совест.






