Во своето обраќање на Форумот за безбедност Шангри-Ла во Сингапур, Коизуми оцени дека безбедносната состојба во регионот се влошува поради економскиот притисок, воената сила и сè поинтензивната конкуренција во сајбер, вселенската и информатичката област, пренесува Кјодо.
Коизуми ја нагласи потребата од модернизација на одбраната на Јапонија, вклучително и планирана ревизија на клучните документи за национална безбедност до крајот на оваа година и инвестиции во области како што се вештачка интелигенција, беспилотни системи, сајбер и вселенски технологии.
„Постои земја која има огромен арсенал од нуклеарно оружје и стратешки бомбардери. Јапонија нема ништо од тоа, а се нарекува нов милитаризам. Зарем тоа не е чудно?“, рече тој, алудирајќи на кинеските критики.
Репутацијата на Јапонија како мирољубива земја, рече министерот, е изградена по Втората светска војна и нема да биде нарушена од неосновани тврдења. Тој, исто така, предупреди дека „нетранспарентното зајакнување на војската и дејствијата без јасни намери водат кон недоверба и погрешни проценки“, додавајќи дека Јапонија ќе спроведе модернизација на одбраната „со висок степен на транспарентност“.
Исто така, нагласи дека Токио останува посветен на дијалог со Пекинг, иако односите меѓу двете земји се влошени на најниско ниво во последните години откако премиерката Санае Такаиичи изјави дека Јапонија би можела да одговори со поддршка на САД доколку Кина го нападне Тајван.
Коизуми рече дека на форумот немало средба со кинескиот министер за одбрана Донг Џун, додека Кина годинава испрати делегација од пониско ниво во Сингапур. Тој, исто така, зборуваше за растечката безбедносна соработка со САД, Австралија, Филипините, Велика Британија и земјите од Југоисточна Азија, велејќи дека Јапонија ќе преземе поголема улога во соработката во областа на одбранбената опрема и технологија откако ги олесни правилата за извоз на оружје во април.






