Словенија, мала земја со 2,1 милиони жители, во следните шест месеци ќе ја поставува агендата на Европскиот совет.
Говорејќи откако неговата земја го презеде ротирачкото претседателство на Советот минатата недела, Јанша рече дека неговите приоритети можеби не се во согласност со тие на западните сили на блокот. Жалејќи се од словенечките „мејнстрим-медиуми“ и нивните наводни сојузници во судството на земјата, Јанша зборуваше и против промовирањето на либералните вредности на ЕУ на во источна и централна Европа, како што е ЛГБТ-каузата.
Наметнувањето „имагинарни европски вредности“, тврди тој, ќе биде „најбрзиот пат до колапс“ на блокот.
„Европската Унија обединува земји со различни традиции, со различни култури… постојат разлики што треба да се земат предвид и да се почитуваат“, рече тој.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, отворено не се согласи со Јанша за време на брифингот со новинарите, велејќи дека „слободата на изразување, различноста и еднаквоста“ се основните „европски вредности“ што треба да се поддржат.
Судирот меѓу Јанша и Фон дер Лајен е само уште една битка во растечкиот културен конфликт меѓу западниот дел на ЕУ и центарот и истокот. Во Унгарија, премиерот Виктор Орбан ја предводеше битката против Брисел донесувајќи закон за забрана за портретирање на хомосексуалноста пред децата. ЕУ за возврат се закани со правна постапка против Унгарија, а 17 западноевропски лидери минатиот месец потпишаа писмо во кое се осудува „дискриминацијата кон ЛГБТИ-заедницата“ и нивните „фундаментални права“.
Орбан инсистираше дека законот не ја дискриминира ЛГБТ-заедницата, туку им дозволува на родителите да одлучуваат што да ги учат своите деца за прашањата од полот и сексуалноста.
Јанша зазеде сличен став. Одговарајќи ѝ на Фон дер Лајен во петокот, тој рече дека имале „искрена дискусија за тоа што се човекови права“, но дека тој го бранел „правото на родителите да ги образуваат своите деца“ така како што им одговара. Фон дер Лајен одговори дека „правото на родителите да ги школуваат своите деца воопшто не беше спорно“, но „прашањето беше дали со измените и дополнувањата на постојните закони се прави дискриминација на малцинствата“.
Јанша исто така рече дека Словенија не е „колонија“ на ЕУ за да ѝ се диктира, исто како што Орбан минатата недела го осуди холандскиот „колонијален“ менталитет, откако холандскиот премиер Марк Руте претходно изјави дека Унгарија „веќе нема зошто да биде во Европската Унија“ ако не се потчини на позицијата на блокот за правата на ЛГБТ.






