петок, 5 јуни 2026

Иран му постави нов ултиматум на Трамп

Можен мировен договор помеѓу Соединетите Американски Држави и Иран зависи од тоа дали администрацијата на Доналд Трамп ќе се согласи да ослободи 24 милијарди долари замрзнати ирански средства.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Висок ирански функционер во петокот за Си-ен-ен изјави дека преговорите се заглавени токму по тоа прашање.

„Преговорите се во ќор-сокак и Трамп мора да го прекине тој ќор-сокак. Топката е на страната на Трамп“, изјави Мохсен Резаи, воен советник на врховниот лидер ајатолахот Моџтаба Хамнеи, во ексклузивно интервју за Си-ен-ен во Техеран.

Според него, без деблокирање на средствата, нема да има напредок кон можен мировен договор меѓу двете земји.

Иран наводно побарал ослободување на 12 милијарди долари замрзнати средства веднаш по потпишувањето на привремениот договор со САД, а дополнителни 12 милијарди долари во подоцнежна фаза.

Тој предупреди и на можни последици ако Соединетите Американски Држави повторно се одлучат за воена акција.

Како што изјави за американските медиуми, во тој случај САД би „влегле во темен коридор“.

Резаи предупреди дека Иран ќе ја „прошири војната“ надвор од Персискиот Залив ако САД го продолжат конфликтот, потенцијално проширувајќи ги воените операции од Ормускиот теснец до Индискиот Океан, теснецот Баб ел-Мандеб, Црвеното Море и Средоземното Море.

„Ќе ѝ дадеме друга димензија на војната со напаѓање на други американски бази што досега не сме ги нападнале“, рече тој, додавајќи дека „можноста за војна е мала“.

Ако преговорите пропаднат, Резаи рече дека Иран е подготвен за потенцијална американска инвазија врз својата територија.

“Тогаш светот ќе ги разбере вистинските ирански способности, бидејќи нашата копнена моќ е повеќекратно поголема од нашите ракетни капацитети”, порача тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ