Министерот за надворешни работи на Иран Хосеин Амир Абдолахијан навести дека Иран останува цврсто на својата позиција на преговорите за заживување на договорот од 2015 година, неодамна прекинати по тензиите околу новите барања на Техеран.
Иран сака во центарот на претстојната рунда преговори да биде неговата нафтена индустрија, погодена од санкциите, кажа Абдолахијан.
„Целта е да дојдеме до тоа иранската нафта да се продава лесно без какви било бариери и парите од неа да стигнуваат на сметки во иранските банки“, кажа шефот на иранската дипломатија.
Со договорот од 2015 година Техеран се согласи да ја ограничи нуклеарната програма во замена за укинување на економските санкции. Меѓутоа во 2018 година тогашниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече САД од договорот и повторно му наметна остри санкции на Техеран.
Санкциите го опфатија секторот на нафтената индустрија, клучен за иранската економија. Извозот на иранската сирова нафта значително падна, а меѓународните нафтени компании ги раскинаа договорите со Иран, што ја ослабе економијата на земјата.
Новата, поконзервативна администрација на иранскиот претседател Ебрахим Раиси повеќе пати побара укинување на сите економски санкции за Иран да го ограничи нуклеарното напредување.
Министерството за надворешни работи на Иран денес соопшти дека би било недозволиво Западот од Техеран да бара што било надвор од рамките на првичниот договор.
Во виенските преговори се вклучени сите страни од првичниот договор – Иран, Британија, Франција, Германија, Русија и Кина. Иран одбива директно да преговара со американскиот претставник кој се наоѓа во Виена, а улогата на посредник ја има претседавачот со преговорите, дипломатот на ЕУ Енрике Мора.






