Соопштението, кое агенцијата Ројтерс го добила пред да биде објавено, го потпишале дваесетина функционери, кои и понатаму работат во мисиите во САД, Британија, Франција, Турција и на други места.
Дипломатите кои го потпишале остро напишаното соопштение се под рангот амбасадор, пишува британската агенција.
„Разочарани сме што по дваесет години ангажирање нашите сојузници го напуштаат Авганистан и го оставаат нашиот народ на милост и немилост на терористичката група“, напишаа дипломатите.
Тие исто така ги повикаа светските лидери да ги употребат сите расположливи средства за да го сопрат насилството на талибанците врз жените, активистите на цивилното општество и новинарите. Писмото содржи и предупредувања за глобалните последици на отфрлањето на авганистанската влада.
„Успехот на талибанците во освојувањето на власта со нелегални и насилни средства ги охрабрува терористичките и насилните групи низ целиот свет“, напишаа дипломатите и истакнаа дека насилното преземање „го нормализира насилството“.
Во соопштението на дипломатите се повикува на создавање независна, меѓународна мисија за утврдување на фактите за Авганистан за да се „обезбедат правда и одговорност“.
Тие им упатија повик на светските лидери да ги обединат напорите за формирање сеопфатна влада во Авганистан „која е прифатлива за сите луѓе на Авганистан, вклучувајќи ги жените и малцинствата“.






