Велика Британија се соочува со пораст на случаите на ковид-19 поради исклучително заразната варијанта омикрон, со рекордни дневни 189.846 случаи пријавени во петокот.
Иако приемите во болница почнаа да растат, владата рече дека верува дека новата варијанта е поблага од делта.
Бројот на пациенти на кои им е потребен респиратор е генерално стабилен во декември, за разлика од претходните пикови на пандемијата.
Анализата беше објавена од британската Агенција за здравствена безбедност (УКХСА) во соработка со биостатичкиот оддел на Универзитетот во Кембриџ. Тие анализирале 528.176 случаи на омикрон и 573.012 на делта.
Тие, исто така, утврдија дека вакцините добро делуваат против варијантата омикрон.
„Во оваа анализа, ризикот од хоспитализација е за 81 отсто помал по третата доза во споредба со невакцинираните случаи на инфекција со омикрон“, соопшти УКХСА.
Сузан Хопкинс, главна здравствена советничка во УКХСА, рече дека анализата е во согласност со другите охрабрувачки знаци поврзани со варијантата омикрон, но исто така нагласи дека здравствениот систем сè уште може да се најде во проблеми со толку висока стапка на заразност.
„Прерано е да се извлечат дефинитивни заклучоци за сериозноста“, рече таа, додавајќи дека веројатно ќе има значителен притисок врз здравствениот систем во наредните недели.
Податоците од петокот покажуваат дека 12.395 пациенти во болниците во Англија боледуваат од ковид, додека во четвртокот имало 11.542, сепак, ова е многу пониско од врвот минатиот јануари кога имало 34.000 пациенти во болниците.






