Генералниот обвинител на Флорида, Џејмс Утмаер, за време на прес-конференција изјави дека компанијата ги игнорирала надворешните и сопствените внатрешни безбедносни предупредувања и ги довела корисниците до заблуда за вистинската природа и опасностите од нејзиниот производ, што, како што рече, „ги изложило децата на голем ризик и му овозможило на опасниот производ да стигне до милиони жители на Флорида“.
Во граѓанската тужба поднесена до окружниот суд на Флорида се наведува дека ОпенАИ и Алтман дале приоритет на брзината на пласманот на услугата на пазарот и на профитот пред безбедноста на корисниците, игнорирајќи ги повторените предупредувања на експерти од компанијата и надвор од неа.
Во тужбата се тврди дека компанијата пласирала на пазарот услуга која не само што го олеснува нанесувањето штета, туку и го поттикнува, вклучувајќи и овозможување самоповредување и насилство, а во исто време лажно ги убедува корисниците дека нејзината услуга е безбедна.
Исто така, се тврди дека ЧетГПТ собира податоци од малолетници без соодветен родителски надзор и дека може да предизвика зависност и когнитивни последици.
Компанијата, според тужбата, исто така активно ги потценувала опасните грешки произведени од ЧетГПТ.
Законот на Флорида забранува нечесни и измамнички трговски практики, а во тужбата се наведува дека однесувањето на ОпенАИ нанесува континуирана штета на жителите на Флорида, поради што се бара утврдување на одговорност.
ОпенАИ не коментираше веднаш за тужбата.
Утмаер започна кривична истрага против ОпенАИ во април за да утврди дали ЧетГПТ му дал совети на вооружен маж кој уби две лица и рани шест на Државниот универзитет во Флорида минатата година.
Во друг случај, тврдат обвинителите, маж го прашал ЧетГПТ „што би се случило ако човечко тело биде ставено во вреќа за ѓубре и фрлено во контејнер“, неколку дена подоцна, двајца докторанти на Универзитетот во Јужна Флорида исчезнале, за чие убиство е обвинет токму тој корисник на ЧетГПТ.






