Валнева е осма компанија со која Комисијата склучи договор за набавка на вакцини против ковид-19. Претходно се потпишани договори со Астразенека, Санофи-ГСК, Јансен Фармасутика НВ, Бионтек-Фајзер, Кјурвак, Модерна и Новавакс.
Договорот со Валнева им овозможува на земјите-членки да откупат речиси 27 милиони дози вакцина во 2022 година. Според договорот, вакцината може да се прилагоди на нови варијанти на соеви, а земјите-членки можат да нарачаат до 33 милиони дополнителни дози вакцина во 2023 година.
„Договорот дозволува вакцината да се прилагоди на новите варијанти. Нашето широко портфолио на вакцини ќе ни помогне во борбата против ковид-19 и неговите варијанти во Европа и пошироко. Пандемијата сè уште не е надмината. Секој што може да се вакцинира“, соопшти претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен.
„Штом Европската агенција за лекови ќе прогласи дека е безбедна и ефикасна, вакцината на Валнева ќе биде уште една опција во нашето широко портфолио на вакцини“, рече комесарката за здравство Стела Киријакидес.
Валнева е европска биотехнолошка компанија која развива вакцина со инактивиран вирус кој се добива со хемиска инактивација на жив вирус. Станува збор за традиционална технологија за изработка на вакцини, која се користи 60-70 години, се базира на примена на воспоставени методи и е многу безбедна. Се користи во производство на повеќето вакцини против грип и многу вакцини за деца. Во моментов таа е единствената вакцина со инактивиран вирус против ковид-19 која е во фаза на клинички испитувања во Европа.
Комисијата, со поддршка на земјите-членки на ЕУ, одлучи да ја поддржи оваа вакцина врз основа на квалитетна научна проценка, користена технологија, искуството на компанијата во развојот на вакцини и нејзиниот производствен капацитет кој овозможува снабдување на сите земји-членки на ЕУ.






