Сличен на тепих, големиот мозаик покрива 836 квадратни метри во Палатата Хишам, исламски дворец од времето на Омеидите во осмиот век.
На мозаикот се гледа лав како напаѓа елен, што симболизира војна, и две газели, симбол на мирот, како и цветни и геометриски дизајни.

Палатата Хишам беше заборавена со години додека не беше повторно откриена во 19 век и истражувана во триесеттите години на минатиот век, кога под прашината беше откриен мозаик.
Зградата сепак остана запоставена до пред пет години, кога беше затворена за посетители и почна реставрацијата, која ја финансираше Јапонија со 12 милиони долари.

„Во мозаикот има повеќе од пет милиони парчиња камења од Палестина во природна и карактеристична боја“, рече Салех Тавафша, потсекретар во палестинското Министерство за туризам и антиквитети.
Тој изрази надеж дека палатата покрај Мртво Море, која покрива подрачје од 60 хектари, на кое има бањи и земјоделски имот, ќе ги привлече туристите во Јерихон, пренесуваат денеска израелските медиуми.
Омеидската династија траеше од 660 до 750 година.








