четврток, 4 јуни 2026

Црногорската полиција врати 87 лица кои со чартер лет од Белград пристигнале на аеродромот во Тиват

Управата на црногорската полиција соопшти дека вчера им забранила влез и вратила во Србија 87 српски државјани, кои пристигнале со чартер лет од Белград до Тиват.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Во заедничкото соопштение на граничната полиција и Агенцијата за национална безбедност е наведено дека во рамките на обемни, континуирани и засилени активности што ги спроведува по повод одржувањето на Самитот ЕУ – Западен Балкан, на граничниот премин Аеродром Тиват извршила засилени гранични и безбедносни контроли и издвоила чартер лет на релација Белград–Тиват, со кој допатувале 87 државјани на Србија.

Црногорската гранична полиција вчера им забрани влез на група од 87 српски државјани, на аеродромот во Тиват и ги врати во Белград, за кои, според безбедносната проценка на надлежните органи, е утврдено дека нивниот престој во Црна Гора би можел да претставува закана за националната и внатрешната безбедност.

Како што беше најавено, одлуката е донесена врз основа на проценката на Управата на полицијата, по што на група патници им е изречена мерка забрана за влез на територијата на Црна Гора.

Според информациите што се појавија во јавноста, меѓу лицата на кои им е забранет влезот се и лица кои со години се споменуваат во српските медиуми во контекст на нивно учество во политички собири, обезбедување партиски простории, организирање контрапротести, како и други активности поврзани со владејачката Српска напредна партија (СНС).

Некои од нив, според јавно достапните податоци и медиумските извештаи, се поврзуваат со спортски настани, политички собири и протести, вклучувајќи ги и студентските демонстрации во Србија.

Меѓу вратените српски државјани е и Далибор Станојевиќ, познат по прекарот Боске. Неговото име претходно се појавувало во медиумски извештаи во кои бил означен како лице блиско до структурите на СНС.

Надлежните црногорски власти сè уште не објавиле детални информации за причините за забраната за влез за секое поединечно лице, повикувајќи се на безбедносни проценки и процедури што се применуваат во случаи кога постои проценка на можна закана за јавниот ред, безбедноста или националните интереси на државата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ