петок, 8 мај 2026

Бајден ќе ја „каже вистината“ за нападот на Капитол, Трамп ја откажа конференцијата

Објавено на

часот

Сподели

Доналд Трамп ја откажа прес-конференцијата најавена за тој ден, повторно напаѓајќи ги демократите и медиумите.

Белата куќа соопшти дека Бајден ќе ги отфрли лажните тврдења на Трамп, кои се прифатени од многу негови следбеници, дека неговиот пораз на изборите е резултат на општа измама, како и обидите да се потцени насилството од најтешкиот напад врз Капитол по војната од 1812 година.

„Претседателот ќе ја каже вистината за она што се случи, а не лагите што некои ги шират оттогаш, и ќе зборува за опасноста што тоа ја претставува за владеењето на правото и нашиот систем на демократско управување“, изјави портпаролката на Белата куќа Џен Псаки за новинарите.

Бајден и потпретседателката Камала Харис ќе зборуваат во Капитол в четврток наутро, една година откако илјадници поддржувачи на Трамп упаднаа во зградата обидувајќи се да го спречат броењето на гласовите на електорите.

Во вторникот Трамп ја откажа прес-конференцијата на неговиот имот Мар-а-Лаго на Флорида што ја најави за 6 јануари, велејќи дека за многу од тие теми ќе зборува на собирот во Аризона на 15 јануари.

Не е јасно зошто Трамп ја откажа прес-конференцијата. Тој во изјавата го обвини Претставничкиот дом за, како што рече, „пристрасност и нечесност“ во истрагата за настаните од 6 јануари, како и медиумите, неговата омилена мета.

Во пресрет на годишнината на 6 јануари, Трамп сѐ уште се обидува да го спречи објавувањето на документите на Белата куќа што ги бара комитетот на Долниот дом на Конгресот поради истрагата за нападот.

Трамп, некои републиканци и десничарски медиуми објавија лажен извештај за настаните со цел да се намали значењето на нападот на Капитол, нарекувајќи го ненасилен протест или обвинувајќи ги левичарските активисти.

Четири лица беа убиени на денот на нападот, а еден полицаец што се наоѓаше во Капитол загина ден по одбраната на Конгресот. Во нападот, кој траеше неколку часа, беа повредени десетици полицајци.

На прашањето каква ќе биде пораката на претседателот до многуте републиканци што веруваат дека Бајден ги украл изборите, и покрај низата докази за спротивното, Псаки рече дека Бајден ќе продолжи да им се обраќа на сите во земјата.

„И за оние што не гласаа за него, за оние што можеби не веруваат дека тој е легитимен претседател, тој ќе зборува што сака да направи за да им го подобри животот“, рече таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ