петок, 7 ноември 2025

Австралија ќе им овозможи на жителите три часа бесплатна сончева енергија дневно

Австралија ќе им понуди на домаќинствата, вклучително и на оние без соларни панели, најмалку три часа бесплатна сончева енергија секој ден во рамките на програмата за заштеда на енергија што треба да стане активна во 2026 година, изјави денес австралискиот министер за енергетика Крис Бовен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Програмата „Поделба на соларна енергија“ прво ќе биде лансирана во државите Нов Јужен Велс, Јужна Австралија и југоисточен Квинсленд, пред да се прошири во други делови од земјата.

Жителите ќе можат да користат бесплатна енергија во периодите на најголемо производство, главно во средината на денот.

„Домаќинствата што ќе успеат да ја прилагодат својата потрошувачка на периодите на бесплатна електрична енергија ќе имаат директна корист, без разлика дали имаат соларни панели или не, и без оглед на тоа дали се сопственици или изнајмувачи. Колку повеќе луѓе ќе се приклучат на програмата и ќе ја префрлат својата потрошувачка на овие часови, толку е поголема користа за целиот систем и пониските трошоци за сите корисници на електрична енергија“, рече Бовен.

Околу четири милиони домаќинства во Австралија веќе имаат соларни панели на своите покриви.

Програмата ќе им биде достапна и на станарите во згради кои немаат сопствени соларни панели, под услов да имаат паметно броило и да ја прилагодат потрошувачката на енергија на средина од денот, кога можат бесплатно да користат електрична енергија или да полнат електрични возила.

Во 2022 година, Австралија постави цел 82 проценти од електричната енергија да доаѓа од обновливи извори до 2030 година, со законски предвиденото намалување на емисиите на стакленички гасови од 43 проценти во споредба со нивоата од 2005 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ