Американските власти го обвинија Австралиецот Асанж по 18 точки од обвинението поради објавите на Викиликс на доверливи воени досиеја на САД и дипломатски пораки за кои тие тврдат дека загрозиле животи.
На 10 декември 2021 година Вашингтон го доби случајот во Високиот суд во Лондон со кој се бараше екстрадиција на Асанж во Соединетите Држави.
Врховниот суд рече дека е задоволен од американските гаранции за условите за притвор на Асанж, вклучително и ветувањето дека нема да биде сместен во таканаречениот затвор со максимална безбедност „А-де-икс“ во Колорадо и дека ќе може да ја отслужи казната во својата родна Австралија.
Врховниот суд е последната инстанца за жалби во Британија.
„Според англискиот закон, за жалбата да има шанса да биде разгледана пред Врховниот суд, судиите на Високиот суд што наредиле екстрадиција на Асанж мора да потврдат дека барем една точка од жалбата е дел од законот од општо јавно значење“, рече свршеницата на Асанж Стела Морис.
Таа рече дека жалбата во моментов е на разгледување кај тие судии, а нивната одлука не се очекува пред третата недела во јануари.






