четврток, 7 мај 2026
Различни тврдења за здравјето на првообвинетиот во „Пулс“

Газда Деко се жали дека со отворена рана го носат на суд, директорот на кумановскиот затвор возвраќа дека таква е препораката од лекар

Првообвинетиот Дејан Јованов, газда Деко од судењето за „Пулс“ е опериран, а неколку рочишта наназад неговата одбрана тврди дека тој е во тешка здравствена состојба и во затворот во Куманово каде ја издржува мерката притвор, како и дека никој не води грижа за да го однесе на преврска. На обвинетиот Деко му се суди за трагедијата во Кочани во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Но, од кумановскиот затвор тврдењата за состојбата на Деко со многу поинакви, односно дека му се прават преврски, а дека раната мора да е отворена по препорака на лекар.

Објавено на

часот

Сподели

Редакцијата на МДК.мк побара одговор од директорот на затворот во Куманово, Оливер Цветковски дали овие обвинувања од одбраната се точни и зошто на обвинетиот не му е даден оној третман кој му следува. На ова ни беше образложено дека докторот кој што го оперирал Јованов дал мислење дека раната која тој ја има, а е од извршена мала хируршка интервенција треба да е отворена за да може да заздрави.

„За да се изнесе притворено лице од установата, мора да има согалсност од судијата. Во затворот во Куманово имаме медицински брат кој ги врши преврските, доколку треба да се носи некое лица во болница во Куманово, тоа се прави, а доаѓаат и доктори во затворот. Конкретно за него секогаш кога има услови и има потреба да биде носен на лекар, тој е однесен. Еднаш се случи да немаше можност да биде носен на преглед, бидејќи бевме доцна известени. Конкретно неколку дена откако беше отпуштен по операцијата, беше носен на преврска. Докторот кој што го оперираше даде насока дека раната треба да биде преврзана и отворена. Да напоменам дека се работи за мала хируршка интервенција и дека тој може да ги извршува сите потреби“, ни изјави Цветковски, директор на кумановскиот затвор.

„На 17 арпил обвинетиот опериран, на 30 април му е направена последната преврска, а во понеделникот не беше однесен на преврска, не бил спроведен ниту ден потоа, ниту денес поради судењето“, рече на вчерашното рочиште адвокатката Ивана Коцевска.

Таа посочи дека му тече крв преку газата, и го замоли судот да реагира.

На ова од судиите и беше одговорено дека секојдневно се реагира и дозволи за било каква потребна интервенција во која е опфатено здравјето, се дадени.

Одбраната на првообвинетиот за пожарот во Кочани, сопственикот на изгорената дискотека „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, неколку рочишта наназад бара да му биде заменет притворот со мерка куќен притвор поради сериозно и алармантно влошување на неговата здравствената состојба. Меѓу причините беше наведено и тоа што тој во кумановскиот затвор бил понижуван и деградиран.

Но, наспроти тврдењето на одбраната, од затворот во Куманово испратиле писмено известување до судот во кое стои дека Деко негирал дека бил деградиран, туку имал забелешки што му го земале душекот.

За замена на мерката притвор со куќен притвор негативно мислење даде и Обвинителството кое го застапува обвинението за „Пулс“.

Пожарот во дискотеката во Кочани избувна лани во март за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ