Во јануари окружниот суд го одби барањето на САД за екстрадиција, наведувајќи ја ранливата психичка состојба на издавачот и можноста тој да си го одземе животот доколку биде подложен на брутални затворски услови во САД.
Вашингтон сака да го гони 50-годишниот австралиски државјанин за објавување доверливи воени документи поврзани со американските војни во Авганистан и Ирак.
Адвокатите на американската влада во октомври тврдеа дека судијата што во јануари пресудил против екстрадицијата не му дал доволно значење на сведочењето на други вештаци за менталната состојба на Асанж. Тие се обидоа и да го убедат судот дека нема да биде задржан во казнена изолација во сојузниот затвор Супермак, како и дека ќе добие соодветен третман.
BREAKING: High Court decision “Grave miscarriage of justice,” says Julian Assange’s fiancée, as a UK court overturns an earlier decision blocking the extradition of Julian Assange to the United States | @StellaMoris1 #FreeAssangeNOW #AssangeCase pic.twitter.com/Jc98oAfvuP
— WikiLeaks (@wikileaks) December 10, 2021
Меѓутоа, адвокатите на Асанж продолжија да предупредуваат дека постои ризик од самоубиство доколку тој биде приведен во Америка, а изразија и загриженост за „веродостојноста“ на американските гаранции.
Веројатно ни денешната пресуда нема да ѝ стави крај на епската правна сага, бидејќи поразената страна може да поднесе жалба за случајот, кој му е вратен на судот во Вестминстер.
Американските обвинители го обвинија Асанж по 17 точки за шпионажа и компјутерска злоупотреба за објавување илјадници протечени воени и дипломатски документи. Обвиненијата предвидуваат максимална казна од 175 години затвор.
Адвокатите на Асанж тврдат дека тој дејствувал како новинар и дека има право на заштита на слободата на говорот во согласност со првиот амандман, а во врска со објавувањето документи што ги разоткриле злосторствата на американската армија во Ирак и Авганистан.
Асанж (50) е во затвор од неговото апсење во април 2019 година. Пред тоа, тој помина седум години во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што побегна во 2012 година за да избегне екстрадиција во Шведска, каде што требаше да се соочи со обвиненија за силување и сексуален напад.
Шведска во ноември 2019 година се откажа од истрагата за сексуални злосторства, бидејќи помина многу време, но Асанж остана во затвор.
Судијата што ја блокираше екстрадицијата во јануари нареди тој да остане во притвор во текот на секоја жалба на САД, наведувајќи дека австралискиот државјанин може да побегне доколку биде ослободен.






