Пандемијата, воените конфликти и климатските промени драматично го зголемуваат бројот на гладните луѓе во светот. Во својот последен извештај, две агенции на Обединетите нации, Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) и Светската програма за храна (ВФП), предупредуваат дека во следните три месеци се очекува катастрофална ситуација во 23 глобални кризни жаришта поради акутен недостиг од основните прехранбени производи.
„Акутниот глад се шири и станува сѐ посериозен проблем. Вкупно, повеќе од 41 милион луѓе низ светот сега се во опасност да се соочат со глад ако не добијат итна помош за да преживеат“, велат од ФАО и ВФП.
Во мајскиот извештај на 16 меѓународни организации што го следат проблемот со гладот на глобално ниво се наведува дека минатата година најмалку 155 милиони луѓе се соочиле со сериозен недостиг од храна, што е за 20 милиони повеќе отколку во 2019 година.
За да се спречи овој негативен тренд, ФАО побара од меѓународната заедница дополнителни 1,1 милијарда долари за борба против растечкиот акутен глад.
„Итно е потребна насочена хуманитарна акција во петте најзагрозени региони за да се спречи луѓето да почнат да умираат од глад. Освен доставата на пакети со храна, мора да сториме сѐ што можеме за да им помогнеме да продолжат сами да произведуваат храна, така што ранливите семејства и заедници да станат независни и повеќе да не зависат од меѓународната помош“, рече директорот на ФАО, Ќу Донгју.
Ако не се преземе нешто итно, акутниот глад особено ќе ги зафати регионот Тигар во Етиопија, јужен Мадагаскар, Јемен, јужен Судан и северна Нигерија. Ако хуманитарната помош не стигне наскоро, само во Етиопија од неухранетост би можеле да умрат 400.000 луѓе.
Поради најголемата суша во последните 40 години и наездата на штетници што ги уништуваат посевите, во областа на јужниот дел на Мадагаскар 14.000 луѓе би можеле до септември да се соочат со сериозен недостиг од храна, што ќе предизвика акутен глад. Доколку помошта не стигне навреме, до крајот на годинава таа бројка може да се удвои, го пренесува АП извештајот на двете агенции на ОН.
Во некои земји, поради внатрешните бирократски блокади, но и воените дејствија, хуманитарната помош не стигнува ниту до најзагрозените. Затоа извршниот директор на Светската програма за храна, Дејвид Бисли, вели дека особено се загрозени семејствата што преживуваат од хуманитарната помош: „Кога не можеме да стигнеме до нив, синџирот на помош е прекинат и последиците се катастрофални“.
Двете агенции на ОН, со седишта во Рим, меѓу веќе споменатите негативни фактори што влијаат на зголемувањето на бројот на гладните луѓе во светот го додаваат и скокот на цените на храната на светскиот пазар, ограниченото движење на добитокот во одредени кризни жаришта, зголемената инфлација, опаѓањето на куповната моќ на локалното население и намалените приноси на земјоделските култури.
Во јужен Судан, гладот што го зафати населението во делови од областа Пибор во ноември минатата година, продолжи поради недостиг од постојана хуманитарна помош. Во Јемен, ризикот повеќе луѓе да се соочат со неисхранетост сега е донекаде ограничен. Но затоа во североисточните области на Нигерија, погодени од војната, проблемот со недостигот од храна може да достигне застрашувачки размери.
Во извештајот на ФАО и ВФП се наведени девет земји што се соочуваат со криза во обезбедувањето на основните прехранбени производи за исхрана на луѓето: Авганистан, Буркина Фасо, Централноафриканската Република, Колумбија, Конго, Хаити, Хондурас, Судан и Сирија.
Во однос на извештајот за март, Чад, Колумбија, Северна Кореја, Мјанмар, Кенија и Никарагва беа додадени во „кризните жаришта“ на кои им се заканува глад. Сомалија, Гватемала и Нигер исто така се соочуваат со акутна несигурност во обезбедувањето храна. Поради недостиг од најнови податоци, во оваа листа не е вклучена Венецуела.
Повлекувањето на американските и сојузничките војници од Авганистан доведе до ескалација на насилството во земјата, па ФАО и ВФП предвидуваат дека 3,5 милиони луѓе ќе се соочат со сериозен недостиг од храна, што може да доведе до акутна неухранетост, па дури и смрт.
Обединетите нации се загрижени и за ситуацијата во Северна Кореја, која е под долгорочни санкции од САД и Светската организација. Иако достапноста на информации од Пјонгјанг е ограничена, ФАО, врз основа на достапните податоци од Државното централно биро, заклучува дека во најизолираната земја во светот постои загрижувачки недостиг од житни култури.






