сабота, 15 ноември 2025

Украина сè поблиску до американските ракети „томахавк“, НАТО порачува дека не се плаши од реакција на Русите

Во случај оружените сили на Украина да добијат ракети „томахавк“, тие нема да бидат одлучувачко оружје, но сигурно ќе имаат влијание врз ситуацијата на бојното поле, сметаат во седиштето на НАТО. Оваа проценка ја сподели со новинарите висок функционер на западниот воен пакт, кој сакал да остане анонимен, пишува специјализираниот портал на Украинска правда за меѓународна безбедност и европска интеграција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Функционерот истакнал дека се воздржува од коментирање на условите под кои би можела да се изврши испораката, како и потенцијалните цели на овие ракети. „Но, генерално, тие ќе ја зајакнат Украина и сигурно ќе имаат влијание, надополнувајќи ги можностите на Украина за долг дострел“, кажа тој.

Претставникот на Алијансата ги пофалил достигнувањата на украинските одбранбени сили во извршувањето напади со долг дострел, споменувајќи беспилотни летала и „нова крстосувачка ракета која исто така успешно се користи за извршување напади со долг дострел“, без да прецизира точно за која ракета станува збор.

„Ракетите „томахавк“ ќе го зголемат потенцијалот и ќе ги прошират можностите, но тие само ќе го надополнат она што Украина веќе го постигна“, објаснува тој.

И покрај агресивните изјави од Москва, претставникот на НАТО изразил скептицизам во врска со можниот одговор на Руската Федерација.

„Што се однесува до одговорот на ракетите „томахавк“, не мислам дека нужно ќе видиме ново оружје. Мислам дека одговорот ќе биде продолжение на реториката слична на она што веќе го гледаме, понекогаш неодговорна реторика која вклучува заканување со нуклеарно оружје“, рече висок претставник на Алијансата.

„Но, не мислам дека постои некаков конкретен, непредвиден одговор што Русија би можела да го даде“, додава функционерот на НАТО, додавајќи дека може да се заклучи дека НАТО не се плаши од руски одговор.

Во меѓувреме беше објавено дека на крајот од оваа недела американскиот претседател Трамп ќе разговара со украинскиот претседател Зеленски за ракетите „томахавк“.

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во НАТО претходно изјави дека способноста на Украина да напаѓа длабоко во Русија „би можела да ги промени пресметките на Путин“. Од друга страна, од Русија доаѓаат пораки дека ракетите „томахавк“ може да го ескалираат конфликтот, а заменик претседател на рускиот Совет за безбедност Дмитриј Медведев се закани дека Москва ќе одговори на евентуалната испорака на ова оружје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ