среда, 16 јули 2025

Трамп: Јапонците се разгалени

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази сомнеж за можноста за постигнување трговски договор со Јапонија, еден ден откако се закани со повисоки царини за јапонскиот извоз во Соединетите Американски Држави, тврдејќи дека земјата одбива да купува американски ориз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Преговаравме со Јапонија. Не сум сигурен дека ќе постигнеме договор, се сомневам“, им рече Трамп на новинарите на авионот Ерфорс уан. „Тие и другите се толку разгалени откако нè искористуваа 30 или 40 години што сега е навистина тешко да преговараат за нешто.“

На 9 јули, кога истекува 90-дневната пауза во „реципрочните царини“ на Трамп, американските трговски партнери, вклучително и Јапонија, се борат да постигнат договори за кои се надеваат дека ќе го одоброволат американскиот претседател. Јапонскиот извоз во САД беше погоден со царина од 24 проценти кога Трамп почна глобална царинска офанзива на 2 април, пред да воведе тримесечна пауза.

Трамп кажа дека не планира да ја продолжи паузата во активирањето на царините по 9 јули. „Не размислувам за продолжување“, порача тој, одговарајќи на новинарско прашање дали разгледува дополнителен простор за маневрирање. „Некои земји дури и нема да можат да тргуваат со нас. Но, во повеќето случаи ние ќе ја одредиме сумата“, додаде тој, зборувајќи за износот на царинските давачки.

Во понеделникот, Трамп за прв пат на социјалните мрежи ја обвини Јапонија дека не купува американски ориз. Сепак, тоа тврдење не е точно. Според податоците од Бирото за статистика на САД, минатата година Јапонија увезла ориз во вредност од 298 милиони долари од САД. Од јануари до април оваа година, земјата купила ориз во вредност од 114 милиони долари.

И покрај ова, Трамп го повтори истото тврдење во вторник. „Им треба толку многу ориз, а нема да го земат“, кажа тој. Додаде дека Јапонците не купуваат американски автомобили, тврдејќи: „Не им продадовме ниту еден автомобил во последните десет години“.

Според Здружението на увозници на автомобили во Јапонија, Јапонија минатата година увезла 16.707 американски возила. „Она што ќе го направам е – ќе им напишам писмо со благодарност и ќе им кажам дека знаеме дека не можат да го сторат она што го бараме, па затоа ќе платат 30 отсто, 35 отсто или што и да одлучиме“, рече Трамп.

Заменикот на главниот секретар на јапонската влада, Казухико Аоки, кажа дека преговорите со американската страна продолжуваат. Тој рече дека владата е свесна за тврдењата на Трамп, но не сакаше да ги коментира. „Јапонија ќе продолжи да води сериозни и искрени разговори со цел да се постигне договор што ќе биде во заемен интерес“, рече тој.

Трговските преговори меѓу Јапонија и САД се заглавени првенствено поради царините за автомобили, кои се клучни за јапонската економија. Јапонија се надеваше дека САД ќе ја укинат царината од 25 отсто за автомобили, но Трамп остана на својот став. Кон средината на јуни, јапонскиот премиер Шигеру Ишиба се сретна со Трамп на маргините на самитот на Г7. Тие се согласија да продолжат со преговорите, но средбата не доведе до конкретен напредок.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ