„Мисијата на оваа работна група ќе биде веднаш да ги искорени сите форми на насочени акции и дискриминација против христијаните во рамки на федералната влада, вклучително и Министерството за правда, кое беше апсолутно страшно, Службата за внатрешни приходи (ИРС), ФБИ и други агенции“, рече Трамп во своето обраќање на Националниот молитвен појадок.
Тој најави дека денеска ќе потпише извршна наредба со која ќе ја именува Бонди за „шефица на сосема нова работна група за искоренување на антихристијанската пристрасност“, објави Ројтерс. Тој, сепак, не даде конкретни примери за таквата пристрасност.
Ројтерс пишува дека овие мерки би можеле да покренат уставни прашања во врска со одвојувањето на црквата од државата, имајќи предвид дека првиот амандман на Уставот на САД ја ограничува владината поддршка за религијата.
Трамп исто така рече дека ќе формира нова комисија за верски слободи.
„Ако немаме верска слобода, тогаш немаме слободна земја“, рече тој.
Трамп на Молитвениот појадок во Вашингтон рече дека го променил својот став кон религијата откако преживеа два атентати и ги повика Американците „да го вратат Бога“ во своите животи.
На свечениот собир во американскиот Конгрес, кој повеќе од 70 години ги собира пратениците и демократите и републиканците за промоција на единство, Трамп рече дека „вистински верува“ дека луѓето „не можат да бидат среќни без религија и верување“, пренесува АП.
Тој се осврна на минатогодишниот атентат во Пенсилванија, кога куршум го погоди во увото и за малку ќе го убиеше, велејќи дека „чувствува дека тоа променило нешто во него“.
„Се чувствувам уште посилно. Верував во Бог, но поради тоа се чувствувам многу посилно. Нешто се случи“, рече Трамп, кој подоцна на Молитвениот појадок во блискиот хотел рече дека „Бог го спасил“.