Владата планира повторно да ја воведе нуклеарната енергија со помош на мали реактори од новата генерација кои ги развива приватниот сектор, а усвојување на законите за спроведување на оваа иницијатива се очекува подоцна во текот на годината. Целта е да се зајакне енергетската автономија на Италија и да се намалат трошоците во време на растечки економски притисок предизвикан од геополитичката нестабилност.
Мелони директно го поврза овој потег со тензиите, вклучително и американско-израелската агресија против Иран, за кој владата тврди дека придонесува за повисоките цени на енергијата и оптоварување на економијата.
„Јасно е дека ситуацијата во која се наоѓаме – со особено сложена меѓународна економска рамка и постојни геополитички тензии – влијае на растот, трошоците за енергија, конкурентноста на компаниите и куповната моќ на домаќинствата“, кажа Мелони во Сенатот.
За време на дебатата во Сенатот, најавата предизвика поделени реакции од опозициските партии. Карло Календа, лидерот на центристичката партија Азионе, го поздрави фокусот на енергијата, но нагласи дека обемот на кризата бара посеопфатна стратегија за бизнисите, предупредувајќи дека ограничените мерки нема да бидат доволни.
Стефано Патуанели од Движењето пет ѕвезди изрази загриженост за потпирањето на владата на мали модуларни реактори. Тој тврди дека тие можат да генерираат значително повеќе нуклеарен отпад и да произведуваат енергија по повисоки цени во споредба со обновливите извори.
Поранешниот премиер Матео Ренци, лидер на партијата Италија вива, беше уште покритичен, доведувајќи ја во прашање целата економска и геополитичка стратегија на владата. Тој ја обвини дека е неподготвена за обемот на енергетската криза поврзана со тензиите на Блискиот Исток.
Пошироката опозиција, исто така, повика на поструктуиран и координиран одговор на економските последици од конфликтот, а за време на дискусијата беше даден предлог за воспоставување меѓупартиски „кризен штаб“ за енергетската и индустриската политика.
Одговарајќи на критиките, Мелони повика на поголема соработка низ целиот политички спектар за справување со стратегиските предизвици. „Во момент кој не е лесен, треба да има помалку простор за полемики, а повеќе за конкретна дискусија за главните стратегиски прашања што се однесуваат на Италија“, кажа таа.






