недела, 13 јули 2025

Тајландскиот суд ја суспендираше премиерката Паетонгтарн Шинаватра

Уставниот суд на Тајланд денеска ја суспендираше премиерката Паетонгтарн Шинаватра од функцијата во очекување на истрага за нејзиниот телефонски разговор со поранешниот лидер на Камбоџа, Хун Сен.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Шинаватра се соочува со растечко незадоволство поради нејзиното справување со ситуацијата по најновиот граничен спор со Камбоџа, што доведе до вооружен конфликт на 28 мај во кој беше убиен еден камбоџански војник. Протечениот телефонски разговор предизвика низа поплаки и јавни протести.

Негодувањето околу разговорот е поврзано со коментарите на премиерката упатени до регионален воен командант и нејзините наводни обиди да го смири претседателот на камбоџанскиот сенат Хун Сен со цел да се смират тензиите на границата.

Илјадници националистички демонстранти се собраа во центарот на Бангкок во саботата барајќи нејзина оставка.

Шинаватра во понеделникот изјави дека ќе ја прифати одлуката на судот, иако не се согласува со неа. Претходно денеска, кралот Маха Ваџиралонгкорн ја потврди реконструкцијата на владата, откако една голема партија ја напушти коалицијата поради објавувањето на снимката од споменатиот телефонски разговор.

Шинаватра се соочува и со истрага за наводни прекршувања на етичките правила од страна на Канцеларијата на Националната комисија за борба против корупцијата, чија одлука може да доведе и до нејзино разрешување.

Тајландската војска игра голема улога во државната политика. Таа изврши 13 државни удари откако Тајланд стана уставна монархија во 1932 година. Таткото на Шинаватра, Таксин, беше соборен од власт со државен удар во 2006 година, а сестрата на Таксин, Јинглук Шинаватра, исто така беше сменета од војската во 2014 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ