вторник, 21 јули 2026

Фајненшл тајмс: Почивај во мир, американски Стејт департменту

Стејт департментот минува низ најдлабоката трансформација во последните неколку децении, а поранешни дипломати тврдат дека станува збор за пресвртница по која враќањето на старото повеќе нема да биде можно, пишува Фајненшл тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

За амбициозните американски дипломати, ова е вистинското време да бараат нова позиција – барем на хартија.

Кон крајот на јуни, повеќе од половината амбасадорски места на Соединетите Американски Држави беа испразнети, вклучувајќи ги и престижните позиции од Германија до Саудиска Арабија. За дипломатите што сакаат да се специјализираат за Африка постои посебна можност: речиси 80 отсто од американските амбасади на тој континент немаат амбасадор.

Меѓутоа, во самиот американски Стејт департмент изгледите за кариера на дипломатите не изгледаат толку поволно. Откако Доналд Трамп во јануари 2025 година се врати во Белата куќа, јасно покажа презир кон, како што рече, „прилично глупавиот надворешнополитички естаблишмент“.

Како официјален субјект, а понекогаш и арогантен извршител на американската позиција во светот, Стејт департментот е навикнат на исклучителен углед во странство. Од крајот на Студената војна, американските амбасадори и пратеници често доминираа во земјите домаќини со авторитет што потсетуваше на царските намесници.

Меѓутоа, осумнаесет месеци по почетокот на вториот мандат на Трамп, Стејт департментот не е само тргнат настрана, туку се чини дека е под опсада.

Прекинувајќи ја практиката стара 60 години, Трамп ги заобиколи службениците од надворешната служба што традиционално раководеа со најмалку две третини од амбасадите. Од 101 кандидат за амбасадорски функции во текот на неговиот втор мандат, само деветмина биле дипломати од кариера.

Сето тоа се случува додека се спроведуваат драстични кратења на буџетот на Стејт департментот, чиј број на вработени од враќањето на Трамп на власт е намален за повеќе од 3.000 луѓе, односно за повеќе од 20 отсто.

Претставниците на администрацијата ги претставуваат овие промени како задоцнета реформа на бирократски и од реалноста отуѓен дел од власта. Стејт департментот, тврдат тие, станал пречка, губејќи ја од вид својата цел: да помага во остварувањето на американските цели на националната безбедност.

Дипломатите, меѓутоа, предупредуваат на груба политизација и чистка на експерти што се спроведува во духот на културата „Америка на прво место“, која го презира регионалното знаење и искуство.

Во меѓувреме, традиционалните американски сојузници жалат поради губењето на стабилизирачкиот глас на Стејт департментот во секојдневната глобална дипломатија, додека договорите што ги склучуваат релативно неискусни преговарачи не успеваат да се одржат.

„Ја гледаме најштетната криза во 102-годишната историја на надворешната служба“, вели Ник Бернс, кој 31 година работел во американската дипломатска служба, а последно бил амбасадор во Кина пред Трамп минатата година повторно да стапи на функција.

Слабеење на американската моќ?

Ветераните на Стејт департментот се вчудовидени. Нивната загриженост не е само поради губењето на работните места и угледот, туку и поради она што го гледаат како слабеење на американскиот авторитет поради губење на институционалното знаење и отстапување од патот на дипломатијата.

„Работите се прилично лоши“, вели Бил Бернс, кој 32 години работел во американската дипломатска служба, вклучувајќи ги и функциите амбасадор во Русија и заменик-државен секретар, пред за време на претседателот Џозеф Бајден да стане директор на ЦИА.

Бернс тврди дека политиката на Трамп му нанесува на Стејт департментот уште поголема штета отколку ерата на Џозеф Макарти во педесеттите години на минатиот век, кога тогашниот сенатор со својата антикомунистичка кампања доведе до губење на експертизата за прашањата поврзани со Кина.

„Тоа беше поврзано со една релативно специфична група прашања и ги чинеше Соединетите Држави многу во следните петнаесетина години, сè до пробивот на Никсон и Кисинџер во односите со Кина. Но ова ги зафаќа сите области. Не станува збор само за еден регион или за еден вид експертиза“, истакна тој.“

Поранешниот шеф на ЦИА нагласува не само она што го опишува како административна „одмазда“ кон Стејт департментот и кариерните дипломати, туку и „речиси уште полош однос – потценување на професионалната дипломатија“.

Фото: ЕПА

Трамп се потпираше на своите блиски соработници за посредување во договори, како што е минатомесечниот меморандум за разбирање со Иран, кој сега практично се распадна додека двете земји разменуваат напади. Многу критичари за кревкоста на тој договор, како и за условите за кои тврдат дека му оделе во прилог на Техеран, ја обвинуваат одлуката на Трамп да ги заобиколи стручните лица.

„Потребно ви е такво аполитично кариерно искуство за да можете да им парирате, во овој случај, на иранските преговарачи, кои, според моето лично искуство, се исклучително добро упатени во тие прашања“, додава Бернс, кој и самиот учествувал во неколку преговори со Иран. „Истото важи и ако некогаш дојдеме до сериозни преговори за Русија и Украина“, додава тој.

Јел Лемперт, ветеранка на Стејт департментот со 27 години стаж, која Трамп ја разреши од функцијата амбасадор во Јордан на првиот ден од својот втор мандат, зборува уште подиректно.

„Нè надмудрија. Иранците се искусни преговарачи и со себе донесоа тимови експерти што до детали ги познаваа тие прашања. Соединетите Држави го немаа тоа, па еднострано се најдовме во понеповолна положба“, оценува таа.

„Промислено и разумно“

Во духот на пошироката борба на администрацијата на Трамп против она што го нарекува „длабока држава“, официјалните претставници ги претставуваат промените во Стејт департментот како „промислени и разумно испланирани“ мерки за негово усогласување со политиката „Америка на прво место“. Според портпаролот на администрацијата, тие ќе му овозможат на департментот „да дејствува со брзина што одговара на современиот момент“.

„Која е функцијата на Стејт департментот?“, прашува еден висок функционер на администрацијата на Трамп. „Тој сака да мисли дека е центарот на надворешната политика. Тоа не е точно. Неговата работа е да ја спроведува надворешната политика на претседателот, а не да ја креира“, оценува тој.

Кога Марко Рубио беше именуван за државен секретар во почетокот на вториот мандат на Трамп, дошол во Департментот и, според зборовите на истиот функционер, рекол: „Ова не функционира“.

Во самиот департмент признаваат дека навистина имал потреба од преиспитување. Еден ветеран вели дека во последните години не било направено доволно за решавање на проблемите како што се преклопувањето на надлежностите. Друг наведува дека организацијата понекогаш знаела да биде пасивно-агресивна кон своите политички претпоставени.

Но дипломатите стравуваат дека реформите се само изговор за целосно намалување на значењето на институцијата. Исто така се загрижени дека брзината на промените, како што покажа и минатогодишното ненадејно затворање на УСАИД, агенцијата за меѓународен развој основана од Џон Ф. Кенеди, понекогаш може да има катастрофални последици.

„Има вистина во тврдењето дека Стејт департментот одамна имаше потреба од консолидација и модернизација. Но изгледа дека сè е направено многу брзо, без подлабока анализа на последиците врз американската дипломатија“, вели Џејкоб Шапиро, професор по меѓународни односи „Џон Фостер Далес“ на Универзитетот Принстон.

Поддржувачите на администрацијата посочуваат дека почетокот на Студената војна, пред околу осум децении, бил последниот пат кога Департментот минал низ толку длабоки промени. Јасно е дека корените на сегашното преуредување потекнуваат од првиот мандат на Трамп, кога тој бил лут поради неволноста на Департментот да ги следи неговите барања.

Фото: ЕПА

Џејмс Карафано од конзервативниот аналитички институт „Херитиџ фондација“ вели дека Мајк Помпео, државен секретар во втората половина од првиот мандат на Трамп, го следел моделот на повеќето свои претходници, без разлика дали биле републиканци или демократи – „јас си ја работев мојата работа и му дозволував на Департментот да си ја работи својата“.

„Помпео го правеше она што го сакаше претседателот, но не се мешаше во внатрешните работи на Департментот. Неговиот модел беше: ‘да се задоволи претседателот и да се задоволи институцијата’. Во вториот мандат Трамп сакаше поголема усогласеност со неговата визија. Станува збор за спроведување на моќта од врвот надолу и создавање Стејт департмент каков што тој сака“, додава Карафано.

Трамп во својот втор мандат јасно ја покажа хиерархијата на својата надворешна политика, избирајќи посредници за глобалните кризи меѓу своите деловни пријатели и донатори, како Стив Виткоф и Том Барак, како и луѓе блиски до неговото семејство, како неговиот зет Џаред Кушнер.

Со генерации, американските претседатели именуваа блиски соработници за специјални пратеници, како и сојузници и донатори на најпрестижните амбасадорски позиции, како Лондон и Париз, а некои од нив се покажаа како успешни дипломати.

Но претходните претседатели главно одржуваа рамнотежа меѓу политичкото покровителство и ангажирањето искусни дипломати. Самата цел на дипломатската служба, кога била основана во мај 1924 година, била, според Ник Бернс, да го замени „системот на политичко покровителство и делење привилегии“ од 19 век со вистинска стручност.

Враќањето кон таквиот пристап, тврди тој, го слабее американското разбирање на светот и способноста со него да се управува.

„Многу од нашите најискусни дипломати беа отпуштени без каква било постапка. Сега во просториите каде што се носат одлуките нема кариерни дипломати… Тоа е автогол“, додава Бернс.

Администрацијата на Трамп отфрла голем дел од критиките како несоодветни на современите околности. Тврди дека денес има помала потреба од извештаи што се испраќаат во Вашингтон за атмосферата и локалната политика отколку во минатото, додавајќи дека во ерата на социјалните мрежи, 24-часовниот циклус на вести и директната комуникација меѓу светските лидери, проценките на американските амбасади од терен се помалку неопходни.

„Улогата на амбасадата е да биде логистички центар“, вели висок функционер на администрацијата.

Во таква атмосфера, американските дипломати сега редовно се игнорираат, и тоа не само од администрацијата.

„Кариерните службеници со кои разговарам ги гледам како седат зад биро, читаат весници или се вртат во круг пишувајќи документи што никаде не стигнуваат“, вели поранешен висок американски дипломат.

Дипломатите што ги претставуваат американските сојузници од Европа, Блискиот Исток и Источна Азија признаваат дека се оддалечиле од традиционалното негување односи со соговорниците во Стејт департментот и се свртеле кон најтесниот круг на Трамп и неговите пратеници.

Промената не е само последица на тоа каде денес се наоѓа вистинското влијание, туку и на фактот дека американските дипломати можеби немаат многу поголем увид во надворешната политика на Трамп отколку нивните странски колеги.

Тие, исто така, се принудени на самоцензура.

Кариерните дипломати и понатаму се среќаваат со странски функционери, но се „многу внимателни“ во она што го зборуваат, вели поранешен висок американски дипломат.

„Заменик-шефовите на мисиите и амбасадорите главно повеќе не испраќаат вистински извештаи. Многу внимаваат што испраќаат назад во Вашингтон“, додава тој.

Рубио, кој покрај функцијата државен секретар е и советник на Трамп за национална безбедност, многу повеќе време поминува во Белата куќа, каде што, според функционерите, се носат одлуките, отколку во седиштето на Департментот во населбата Фоги Ботом.

Таквиот развој на настаните дополнително го зајакнува впечатокот, и во и надвор од Департментот, дека тој е опколен, ако не и целосно оттурнат во дефанзива.

Слабеењето на Департментот потсетува на средновековна опсада, смета поранешен висок дипломат:

„Прво ќе испукаат топовски ѓулиња врз градот… а потоа ќе ги посолат нивите“, вели тој.

Промена на културата

Ако постои една работа за која се согласуваат и ветераните на дипломатијата и активистите на движењето МАГА, тоа е дека Стејт департментот минува низ сеопфатна промена на културата.

Фото: ЕПА

Тимот на Трамп брзо почна да ја наметнува својата визија „Америка на прво место“ врз институцијата за која смета дека е либерална, непријателски настроена и склона кон оддавање информации на медиумите. Во воздухот се чувствува и дух на одмазда, но и на револуција.

„Имаше многу луѓе што мислеа дека тие ја креираат политиката и кои само се расправаа и се спротивставуваа на одлуките. Беше многу тешко нешто да се спроведе. На крај ќе добиевте некаков млак меморандум“, вели висок функционер на администрацијата.

Кариерните дипломати одговараат дека традиционално себеси се сметале за аполитични државни службеници и предупредуваат на атмосфера на страв, во која луѓето „гледаат преку рамо“ и се загрижени дали нивната лојалност се проверува според критериумите на идеологијата МАГА.

Ник Бернс ги отфрла тврдењата на сојузниците на Трамп дека департментот практично станал либерална затворена заедница на истомисленици.

„Во текот на моите децении во Стејт департментот се трудевме да создадеме средина во која луѓето можат да го изнесат своето мислење… и да се спротивстават кога сметаат дека политиката е погрешна. Нашиот став беше: ако создадете таква средина, тогаш, кога ќе се донесе одлуката, поздравете ја и продолжете понатаму“, вели тој.

Бил Бернс укажува на новиот фокус во Стејт департментот на „лојалност“ или „целосна преданост“. Тој тоа го поврзува со проверувањето „какви би можеле да бидат политичките определби на луѓето… од самиот процес на влегување во службата, па сè до унапредувањето и оценувањето“.

„Мислам дека тоа е длабоко нездраво. И покрај сите свои недостатоци, според моето искуство во Стејт департментот, луѓето главно ги оставаа своите политички уверувања пред вратата. Ако почнете да го искоренувате тоа од луѓето, на крај почнувате да личите на многу авторитарни системи што ги заплашуваат професионалните државни службеници и на крај носат лоши одлуки“, уверен е тој.

Во текот на 20 век и првата деценија од 21 век, смените меѓу републиканските и демократските државни секретари главно минуваа непречено, меѓу другото и затоа што двете партии обично делеа сличен поглед на улогата на Америка во светот.

Но преземањето на Републиканската партија од страна на нејзиното крило „Америка на прво место“ промени сè.

Главната точка на внатрешните расправи за оваа промена е „Бен Френклин фелоушип“, организација на конзервативни сегашни и поранешни службеници на надворешната служба, основана пред две години со цел да промовира конзервативни идеи, кадри и нови членови.

Мет Бојс, еден од тројцата основачи, му се приклучил на Стејт департментот во осумдесеттите години, кога претседател бил Роналд Реган.

Во последните три децении, вели тој, Департментот „сè повеќе и повеќе одеше налево. Почна за време на Бил Клинтон, а потоа за време на администрацијата на Бајден продолжи со забрзано темпо“.

Како пример за либерална пристрасност го наведува поголемиот фокус на администрациите на Барак Обама и Џо Бајден врз програмите за различност, еднаквост и вклученост, како и зголемувањето на бројот на програмите на УСАИД, за кои тврди дека „не го унапредувале националниот интерес“.

„Многу добри работи се случуваа во Департментот, но тој, според атмосферата и политиките, одеше налево. Ако сте либерал, тоа не го забележувате или мислите дека е сосема нормално. Тие, исто така, сметаат дека за реформите се потребни само повеќе пари, повеќе вработени и повеќе програми… Ако ѝ припаѓате на онаа половина од Америка што не е прогресивна или либерална, велите: ‘Чекајте малку, ова оди во погрешна насока’“, раскажува тој.

Бојс инсистира дека БФФ е широка конзервативна мрежа, а не организација што му припаѓа исклучиво на движењето МАГА.

„Тука има мешавина од луѓе, од регановци, преку либертаријанци, до поддржувачи на Трамп и на движењето Америка на прво место, па сè до луѓе што го поддржувале Џон Мекејн“, вели тој, мислејќи на поранешниот републикански претседателски кандидат што застапуваше интервенционистичка политика.

„Нивниот заеднички именител е тоа што не се либерали“, поентира тој.

Додава дека многу членови ја загубиле работата за време на кратењата.

Кариерните дипломати, меѓутоа, загрижено зборуваат за БФФ како за центар на нова култура во Департментот што ги надгледува политичките ставови на вработените.

Некои амбасадори ги прашуваат за нивното мислење за упадот на поддржувачите на Трамп во Капитол на 6 јануари 2021 година, вели поранешен висок американски дипломат.

„Постои јасно чувство дека околу луѓето има политички надзорници“, вели Лемперт, поранешна амбасадорка во Јордан за време на Бајден. „Постои невидено ниво на страв, при што луѓето се плашат дека, ако изнесат критика или алтернативен пристап кон политиката, тоа може да биде протолкувано како нелојалност и дека би можеле да ја загубат работата“, додава таа.

Бојс нема многу разбирање за приказните на дипломатите за студените политички ветрови што почнале да дуваат.

„Некои службеници на надворешната служба го бранат своето наследство, а други неосновано тврдат дека се дискриминирани. Малку е иронично кога луѓето што со децении биле на врвот одеднаш почнуваат да тврдат дека се дискриминирани. БФФ силно ја поддржува администрацијата додека се обидува државата да ја врати таму каде што ѝ е местото“, вели тој.

Нема враќање

Колку противниците на Трамп треба да настојуваат да го вратат Стејт департментот на она што некогаш бил? Тоа ќе биде едно од големите прашања со кои ќе се соочат демократите доколку повторно ја освојат претседателската функција во 2028 година.

Некои експерти за надворешна политика блиски до Демократската партија прифаќаат дека во денешна Америка политички би било неприфатливо да се залагаат за враќање на улогата на глобален хегемон што земјата ја имала пред Трамп.

Тие сметаат дека предизвикот е американската дипломатија да се осмисли на нов начин.

На пример, тврдат дека, со оглед на тоа што делумното повлекување на Америка од светот изгледа неповратно, сè потешко е да се оправдаат трошоците за целиот систем на амбасади, дури и во време кога Кина силно се обидува да ја придобие наклонетоста на земјите од глобалниот југ.

Еден стратег дури тврди дека демократската администрација треба да ги искористи „многу лошо мотивираните“ реформи на Трамп за повторно да го осмисли Департментот и да го приспособи на потребите на светот во кој лидерите редовно меѓусебно комуницираат преку апликации како Вотсап.

Ветераните на дипломатијата се согласуваат дека е достигната точка на пресврт. Бил Бернс, поранешен директор на ЦИА, смета дека стариот Стејт департмент можеби никогаш нема да се врати.

„Додека за време на првиот мандат на Трамп постоеше претпоставка дека, со поинаква администрација и поинаков поглед на светот, во рамките на четиригодишен циклус би можел да се обнови и поправи голем дел од штетата, сега ова е повеќе предизвик од генерациска природа“, вели тој.

Уште повеќе, додава, би било грешка да се обиде да се обнови стариот модел.

„Единствената голема грешка што луѓето би можеле да ја направат, ако во 2029 година дојде поинаква администрација, е да помислат дека ова е само прашање на враќање на часовникот наназад и враќање на начинот на кој работите некогаш функционирале“, заклучува тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ