четврток, 19 јуни 2025

Шефицата на американските шпиони: „Поблиску сме до нуклеарен холокауст од кога било“ (ВИДЕО)

Директорката на Националната разузнавачка агенција на Соединетите Американски Држави (ОДНИ), Талси Габард, објави видео во кое предупредува дека САД и светот се „поблиску до работ на нуклеарен холокауст од кога било досега“, обвинувајќи ги политичките елити и она што таа го нарекува „воените провокатори“ дека го туркаат светот кон катастрофа.

Принтскрин: Икс

Објавено на

часот

Сподели

Во видеото од три и пол минути, Габард зборува директно во камерата, раскажувајќи за нејзината неодамнешна посета на јапонскиот град Хирошима, кој беше уништен од американска нуклеарна бомба во 1945 година. Видеото прикажува снимки од нејзиното патување, како и архивски снимки од жртвите на нуклеарниот напад.

„Ова е реалноста за која станува збор“, вели Габард во видеото. „Денес сме поблиску до нуклеарно уништување од кога било, додека политичките елити безумно поттикнуваат страв и тензии меѓу нуклеарните сили“.

Габард предупреди дека денешното оружје е многу помоќно од бомбата фрлена врз Хирошима и дека „една нуклеарна бомба денес би можела да убие милиони луѓе за само неколку минути“. Таа сугерира дека „моќните луѓе“ се убедени дека во случај на нуклеарен конфликт ќе имаат пристап до засолништа и затоа лесно се залагаат за ескалација.

„Ние, обичните луѓе, треба да го кренеме гласот и да го запреме ова лудило. Мораме да го отфрлиме патот кон нуклеарна војна и да се бориме за свет каде што никој не живее во страв од нуклеарно уништување“, кажа Габард.

Не е јасно кога е снимено видеото, но Габард беше во Јапонија минатата недела, каде што ја посети американска воена база со американскиот амбасадор Џорџ Глас. Габард не ја посети Хирошима за време на нејзината прва посета на Јапонија во март, според соопштението од нејзиниот кабинет.

Националната разузнавачка агенција (ОДНИ) не одговори веднаш на прашањата дали видеото е снимено со користење на владини ресурси.

Габард е поранешна конгресменка и кандидатка на претседателските избори во САД во 2020 година, а минатата година ја поддржа кандидатурата на Доналд Трамп и се префрли на Републиканската партија. Таа е позната по своите остри критики кон американските воени интервенционистички политики и заговарањето на зајакнување на нуклеарните договори додека беше во Конгресот.

Нејзиното ново видео е објавено додека администрацијата на Трамп преговара за нов нуклеарен договор со Иран. Трамп вчера изјави дека Техеран го отфрлил предлогот на САД за запирање на збогатувањето на ураниум.

Со сличен тон, Габард минатата година напиша на социјалната мрежа Икс: „Воените провокатори се обидуваат да нè вовлечат во Трета светска војна, која може да заврши само со еден исход: нуклеарно уништување и смрт на нашите најмили. Зеленски, Бајден, НАТО, неоконзервативците во Конгресот и медиумите се луди. И ние сме луди ако тоа им го дозволиме.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ